Времето во текот на претстојниот викенд ќе задржи високи дневни температури, но попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Според синоптичарите, локалните процеси ќе прераснат во невреме проследено со силен ветер и услови за појава на град. Максималните дневни температури на 29 и 30 август ќе се движат од 32 до 39 степени, додека утринските ќе се спуштат меѓу 13 и 22 степени.
Денешните мерења во 17 часот покажаа исклучително топол ден низ целата држава. Највисока максимална вредност од 39,1 степен е регистрирана во Гевгелија, каде и во 17 часот беа измерени 38,2 степени.
Во Демир Капија и Кавадарци живата на термометарот се искачи до 38,4 степени, а во Велес достигна 38,2 степени. Во Струмица максималната температура беше 37,8 степени, додека мерната станица во Скопје-Петровец измери максимум од 37,1 степен. Најсвежо остана на планините, со максимални 24,1 степени на Попова Шапка и 28 степени во Крушево.
За петок, 28 август, метеоролозите најавуваат претежно сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови на одделни места ќе има услови за изолирана нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер претежно од северен правец.
Во Скопје во петок се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец.
Нестабилноста се очекува да се намали во понеделник, 31 август. Тогаш ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, со минимални температури од 14 до 21 степен и дневни максимуми во интервал од 31 до 38 степени.