Францускиот претседател Емануел Макрон упати силен апел до младите да го намалат времето што го поминуваат пред екрани и повеќе да се посветат на читање и офлајн активности. Тој предложи воведување на „ден без екрани“ еднаш месечно, како и целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години.
„Ве оставивме во оваа дигитална џунгла и тоа ви го одзеде вниманието. Треба да забавиме и да ви помогнеме да станете одговорни возрасни и граѓани“, изјави Макрон, нагласувајќи дека се потребни појасни и построги правила за користење на социјалните платформи.
Иницијативата доаѓа во период кога сè повеќе европски држави размислуваат за ограничување на пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, следејќи примери како Австралија, која веќе воведе забрани за одредени возрасни групи.
Во Франција веќе е во парламентарна процедура нацрт-закон кој предвидува ваква забрана. Додека долниот дом ја поддржува целосната мерка, дел од сенаторите предлагаат ограничувањата да важат само за платформи кои се оценуваат како штетни за децата, што може да го одложи неговото стапување во сила, планирано за почетокот на новата учебна година во септември.
Во меѓувреме, најмалку дванаесет европски земји, меѓу кои и Обединетото Кралство и Норвешка, веќе имаат воведено или разгледуваат законски решенија со кои се утврдува минимална возраст – најчесто меѓу 13 и 16 години – за користење на социјални мрежи.
Паралелно, Европската унија работи на развој на апликација за верификација на возраста, која би помогнала во спроведувањето на ваквите ограничувања и заштитата на малолетниците во дигиталниот простор.