Макрон нареди засилена заштита на француската инфраструктура од можни руски хибридни напади

Според Макрон, посебно внимание треба да им се посвети на енергетските и комуникациските системи, транспортната инфраструктурa
Фото: Flickr/Faces Of The World

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Франција и другите европски земји во последните недели се изложени на засилен руски хибриден притисок и побара подготовка на дополнителни мерки за заштита на критичната инфраструктура.

Изјавата ја даде по состанокот со лидерите на парламентарните партии во Франција, на кој се разговарало за безбедносните кризи во Европа, војната во Украина и состојбата на Блискиот Исток.

Според Макрон, посебно внимание треба да им се посвети на енергетските и комуникациските системи, транспортната инфраструктура и објектите на француската одбранбена индустрија. Од надлежните служби побарал да подготват план за зајакнување на нивната отпорност и за побрза реакција при евентуални напади или саботажи.

Хибридните закани можат да опфатат кибернапади, саботажи, дезинформациски кампањи, мешање во изборни процеси, попречување на сателитски и комуникациски системи, како и употреба на беспилотни летала против чувствителни објекти.

Предупредувањето на Макрон доаѓа во период на зголемена загриженост во Европа по повеќе инциденти за кои европските власти се сомневаат дека се поврзани со Москва. Меѓу нив е и обидот за напад со дрон со експлозив во обезбедениот дел на аеродромот во Лајпциг, каде што биле стационирани украински товарни авиони. Германија ја посочи Русија како одговорна за инцидентот.

Францускиот претседател претходно порача дека ваквите дејства не смеат да останат без одговор и повика европските земји да развијат поусогласен пристап кон заштитата на инфраструктурата и спротивставувањето на операциите во таканаречената „сива зона“ – активности што не претставуваат отворен воен напад, но можат да предизвикаат сериозна штета.

Франција и Германија веќе најавија продлабочување на безбедносната и одбранбената соработка, вклучувајќи подобра координација во справувањето со хибридните закани и намалување на стратешката зависност на Европа.

Москва во повеќе наврати ги отфрла европските обвинувања за вмешаност во саботажи и кибероперации, оценувајќи ги како политички мотивирани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс