Дел од македонските туристи кои престојуваат на Халкидики побараа помош и информации од Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун поради големиот шумски пожар што го зафати овој дел од Грција. Иако засега нема официјални потврди за точниот број евакуирани граѓани, дипломатското претставништво соопшти дека е во постојана комуникација со грчките надлежни служби и дека е подготвено да им даде соодветна асистенција на сите засегнати патници.
Пожарот што избувна во близина на населените места Вурвуру и Агиос Николаос брзо се прошири поради силните ветрови, што предизвика вознемиреност кај локалното население и бројните туристи. Според информациите од македонското Министерство за надворешни работи, до дипломатско-конзуларните претставништва веќе пристигнале повици од граѓани кои побарале инструкции за безбедно напуштање на засегнатите подрачја или помош за алтернативно сместување.
Генералниот конзулат во Солун истакна дека внимателно ја следи состојбата и дека ги има активирано сите итни процедури за поддршка. Засега нема пријавено повредени македонски државјани во огнот, но материјалната штета во регионот е значителна, а повеќе патни правци повремено се блокирани од безбедносни причини.
За сите македонски граѓани кои се наоѓаат во погодените региони или планираат патување кон тој дел од Грција, дипломатските служби апелираат за максимална претпазливост и строго почитување на упатствата од грчката противпожарна служба и локалните власти.
За помош и информации, на располагање се дежурните телефони на Генералниот конзулат во Солун, како и итна линија во МНР во Скопје, каде граѓаните можат да пријават доколку им е потребна евакуација или документи: +389 75 268 736, +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.