Во Њујорк, на Менхетен, беше прикажан македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, во рамки на филмскиот фестивал „Трибека“, еден од најпознатите фестивали во светот, основан од Роберт де Ниро. Ова е првиот македонски филм што е селектиран на овој фестивал.
Американската премиера се одржа пред преполна сала, а по проекцијата следуваше долга сесија на прашања и одговори, проследена со бројни пофалби и позитивни реакции за режисерката Дина Дума. Публиката покажала особен интерес за процесот на работа со актерите и за начинот на кој е постигната автентичноста на приказната.

Филмот предизвикал емотивна и динамична дискусија, а атмосферата по проекцијата била оценета како исклучително позитивна и инспиративна.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор долгометражен игран филм на Дина Дума, по филмот „Сестри“. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, а проектот е реализиран како копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска.
Во продукцијата учествуваат „Сестри и брат Митевски“, а копродуценти се Себастиен Делуа, Даниел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, додека директор на фотографија е Фредерик Ноаром. Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, програмата Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.