Македонската уметница Дона да Видра дел од стрип-фестивалот „Чукнути фест 2“ во Белград

Покрај едукативниот дел, Купенкова ја претстави и својата авторска работа, зад која стојат повеќе децении творештво во стрипот

Три дена исполнети со стрип, цртање и средби со автори им понуди второто издание на Чукаричкиот фестивал на стрип „Чукнути фест 2“ на љубителите на деветтата уметност во Белград.

Од 8 до 10 октомври, Културниот центар „Чукарица“ и Пожешка улица беа места на средби на стрип-автори, уметници и посетители од различни генерации.

Фестивалската програма опфати изложба „Носталгија ЗС ЛМС“, берза на стари и нови стрипови, средби со автори, трибини посветени на мангата и американскиот стрип, како и креативни работилници за цртање. Последниот ден беше посветен на доделување дипломи и награди за најдобрите цртежи.

**Специјална гостинка од Република Северна Македонија беше Славица Купенкова, позната под уметничкото име Дона да Видра**, уметница, илустраторка и стрип-авторка, која успешно ги реализираше едукативните работилници за стрип со деца на возраст од 8 до 14 години.

Покрај едукативниот дел, Купенкова ја претстави и својата авторска работа, зад која стојат повеќе децении творештво во традиционалната и дигиталната уметност, илустрацијата и стрипот.

Нејзиното учество беше можност македонскиот стрип и современата уметност да добијат поголема видливост пред белградската публика, но и да се воспостават нови контакти и можности за регионална културна соработка.

Преку ваквите гостувања, македонското стрип-творештво го проширува своето присуство надвор од границите на земјата, градејќи мостови меѓу уметниците, културните институции и младите генерации во регионот.

Фестивалот се одржа со бесплатен влез за посетителите, во Културниот центар „Чукарица“ и на плоштадот пред чешмата во Пожешка улица во Белград.

е-Трн да боцка во твојот инбокс