Македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар на 21 август во Куршумли-ан беше дочекана со видна возбуда. Факт што зборува во тој прилог беше присуството на главната протагонистка Уршка и голем дел од филмската екипа заедно со пријатели и соработници од повеќе држави.
Светската премиера на „Тело“ се одржа на 14 август на филмскиот фестивал во Сараево и импресиите сѐ уште се свежи и беа дополнети со нови емоции во магичниот амбиент на Куршумли-ан во Скопје.
Главната протагонистка во филмот, Уршка, веќе неколку денови со своето семејство престојува во Скопје, а по проекцијата на филмот пред публиката на „Македокс“ беша кратка, јасна и прецизна.
– Првпат кога го гледав филмот имав чувство како да сум во шок-состојба, вториот пат на премиерата во Сараево го слушав само мојот глас, додека на проекцијата на филмот на „Македокс“ едноставно уживав – рече Уршка.
Режисерката и сценаристка Петра Селишкар ја искористи можноста пред македонската публика да им заблагодари на сите учесници во процесот на снимањето, монтажата и постпродукцијата на филмот коишто со својот ангажман втиснаа дел од своите тела во „Тело“.
Филмот „Тело“ е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенција за филм на Република Северна Македонија, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“ (Lightdox).
Истата вечер на „Македокс“ се одржа проекција и на документарниот филм „Спроти ветрот“ на индиската режисерка Сарвник Каур. Во реализацијата на филмот учествуваше и македонска екипа претставена од монтажерите Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, додека композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Приказната во филмот ги прикажува спротивностите помеѓу традиционалниот и модерниот начин на ловење риба во Индија и низ конфликтот на двајца рибари се прикажува современото индиско општество. На проекцијата на филмот беа присутни монтажерот Благоја Неделковски и композиторот Игор Василев Новоградска.
Од програмата за 22 август каде што има учество на македонски автори го издвојуваме краткиот филм „Починка“ (Германија, Северна Македонија / 2022 / 30’) на Анабела Ангеловска. Филмот зборува за илјадници млади луѓе од Македонија кои беа регрутирани да работат во кујните и пералниците на американските воени бази во Авганистан и Ирак. Многумина од нив се вратија дома со повлекувањето на последните војници од Авганистан во 2021, а со себе понесоа не само бргу заработени пари кои ги вложија во недвижнини, туку и белези од трауматичните спомени.