Македонската берза во првата половина од 2026 година оствари 2,12 милијарди денари промет преку класично тргување, што е околу 34,5 милиони евра. Сепак, според полугодишниот извештај, активноста на пазарот е значително намалена – прометот е за 31,34% понизок во споредба со истиот период минатата година.
Во периодот јануари–јуни 2026 година биле реализирани 8.641 трансакции, што претставува пад од 25,66% во однос на првите шест месеци од 2025 година.
Комерцијална банка повторно најтргувана акција
Најголем интерес кај инвеститорите имала Комерцијална банка АД Скопје, со реализиран промет од 839,4 милиони денари. По неа следуваат: Алкалоид АД Скопје – 392,7 милиони денари, Македонски Телеком АД Скопје – 193,2 милиони денари, Макпетрол АД Скопје – 166,3 милиони денар, НЛБ Банка АД Скопје – 165,7 милиони денари
Овие компании остануваат меѓу најликвидните акции на македонскиот пазар на капитал.
МБИ10 во црвено
Главниот берзански индекс МБИ10 во првата половина од годината забележа пад од 9,88%, што укажува на намалување на вредноста на најголемите и најтргувани компании котирани на Берзата. Меѓу најголемите добитници во првите шест месеци од 2026 година се: РЖ Техничка контрола – раст од 16,92%, Адинг Скопје – раст од 14,46% и Попова Кула Демир Капија – раст од 12,5%
Најголеми падови забележаа: Македонијатурист – пад од 28,91%, Макошпед – пад од 25,32% , ВВ Тиквеш – пад од 24,12%
Голем скок на блок-трансакциите
Иако редовното тргување беше послабо, кај блок-трансакциите е забележан спротивен тренд. Во првата половина од 2026 година биле реализирани блок-зделки во вредност од 2,4 милијарди денари, што е зголемување од дури 216% во однос на истиот период минатата година.
Податоците покажуваат дека, и покрај намалената активност на класичниот пазар, интересот за поголеми институционални трансакции останува висок.
Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком ја задржаа водечката позиција според промет, но целокупната слика на пазарот покажува претпазливост кај инвеститорите во првата половина од 2026 година.