Македонија за првпат ќе има свој претставник на „Vera Pizza Napoletana Champion 2026“, првото Светско првенство организирано од Associazione Verace Pizza Napoletana (AVPN) – најавторитетната светска асоцијација за автентична неаполска пица.
Македонија ќе ја претставува Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano, кој на 16 и 17 септември во Неапол ќе се натпреварува со 336 AVPN пицајоли од 45 држави и пет континенти во борба за титулата „Vera Pizza Napoletana Champion“.
До финалето се стигна по четиригодишен меѓународен квалификациски циклус на AVPN, спроведен на пет континенти, во кој право на настап обезбедија само најуспешните пицајоли.
Основана во Неапол во 1984 година, AVPN е глобален авторитет за автентичната неаполска пица и еден од иницијаторите за впишување на уметноста на неаполскиот пицајоло на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Финалето ќе се одржи во Mostra d’Oltremare во Неапол, каде ќе биде крунисан првиот носител на титулата „Vera Pizza Napoletana Champion“, а на едно место ќе се собере светската елита на AVPN пицајолите.
Пред почетокот на шампионатот, на 15 септември, делегацијата на Matto Napoletano, составена од сопствениците Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски, како и главниот пицајоло Горан Мишевски, ќе присуствува на свечената церемонија 50 Top Pizza World 2026, на која ќе биде објавена листата на 100-те најдобри пицерии во светот. По овогодишниот пласман на 19. место на престижната листа 50 Top Pizza Europe 2026, Matto Napoletano повторно ќе биде дел од најпрестижниот светски собир на пица индустријата.
„Да се биде дел од првото Светско првенство организирано од AVPN е сон за секој пицајоло. За мене ова е огромна чест, но и голема одговорност. Горд сум што ќе ја претставувам Македонија на ваков престижен натпревар, а воедно ќе бидам дел и од најзначајната светска церемонија во пица индустријата – 50 Top Pizza World 2026. Ќе го дадам својот максимум достоинствено да ги претставам мојата земја и тимот на Matto Napoletano.“ – Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano
Настапот на Горан Мишевски на Светското првенство и присуството на Matto Napoletano на церемонијата 50 Top Pizza World 2026 претставуваат значаен момент за македонската гастрономија и потврда дека Македонија денес има свое место на светската сцена на автентичната неаполска пица.