Македонија е европски вицешампион во параглајдинг, а Ана Бергер е новата европска шампионка во женска конкуренција.
На домашен терен, пред публиката во Крушево, македонската параглајдинг репрезентација стигна до историски успех – сребрен медал во екипна конкуренција, додека Бергер го освои европскиот врв во поединечна женска конкуренција.
Европското првенство во параглајдинг се одржа од 8 до 19 август во Крушево, со учество на 130 пилоти од 30 земји.
Во екипна конкуренција златото го освои Словенија, Македонија заврши на второто место, а бронзата ѝ припадна на Шпанија.
Македонија од деветто место до европско сребро
Македонскиот тим го започна првенството од деветтата позиција, но со секоја нова трка постепено напредуваше на табелата.
На седмиот натпреварувачки ден репрезентацијата се искачи на третото место, а клучниот чекор кон среброто беше направен на 18 август, кога македонските пилоти ја надлетаа Шпанија и се искачија на втората позиција.
Во последниот натпреварувачки ден Македонија ја одбрани предноста и го освои европското сребро.
Во текот на првенството беа одлетани девет трки, долги од 68 до 104 километри. Секој од пилотите прелета вкупно 813 километри и помина повеќе од 35 часа во воздух во деветте натпреварувачки дена.
Тимски успех изграден во воздух и на земја
Дарко Станковски леташе без грешка во сите девет трки и постојано носеше важни поени за тимскиот резултат.
Мартин Јованоски во седум трки освои исклучително значајни поени за македонскиот тим.
На најдолгата трка на првенството, долга 104 километри, Јованоски не успеа да стигне до целта, но тогаш до израз дојде широчината на тимот. Ѓорги Ристовски со одличен лет го спаси тимскиот резултат.
Важен дел од успехот беше и Ана Бергер, која со дисциплинирано и константно летање постојано беше во позиција да ги покрие евентуалните грешки на тимските колеги во борбата за највисок пласман.
За историскиот резултат придонесоа и Глигор Зафиров, Александар Гацевски и Благоја Гроздановски, со поддршка во воздух, додека Јован Северов секојдневно обезбедуваше комплетна поддршка од земја.
Ана Бергер – европска шампионка
Покрај екипниот успех, Македонија има и европска шампионка.
Ана Бергер го одлета најдобриот натпревар во својата кариера и го освои златниот медал во женска конкуренција, по исклучително тесна борба со Германката Елиза Дојчман.
На петтиот натпреварувачки ден Бергер слета предвреме и загуби речиси цела трка, што за многумина би значело крај на борбата за титулата.
Но таа не се откажа. Во преостанатите четири трки леташе без грешка, се врати во борбата за првото место и со одлични резултати во завршницата стигна до европската титула.
Нов чекор напред за македонскиот параглајдинг
Со овој резултат Македонија продолжува да бележи сериозен напредок на европската и светската параглајдинг сцена.
На Европското првенство во Србија во 2022 година македонскиот тим заврши на четвртото место, една година подоцна освои бронза на Светското првенство во Франција, а сега направи уште еден чекор напред – до европско сребро.
Следната година на програмата е Светското првенство, а македонскиот тим веќе ја најавува амбицијата – напад на златото.