Педесет години „војна против дрогата” не ја решија зависноста, туку само ги наполнија затворите и ја зголемија стигмата. Ги оттргнаа луѓето од системот кој требаше да им помогне. Порталот низ кој светот сега поминува се вика „намалување на штети”, пристап кој вели дека зависникот не е криминалец, туку болен човек. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш оваа година побара „зголемување на инвестициите во превенција, намалување на штети и третман.” Македонија ја слушна пораката на ОН, но прашање е дали ја применува.

26 јуни: датум поврзан со опиум и една голема промена
Денот се одбележува на 26 јуни за да се одбележи демонтирањето на трговијата со опиум на Лин Зексу во Хумен, Гуангдонг, завршено на 25 јуни 1839 година, непосредно пред Првата опиумска војна во Кина. Одлуката за прогласување на овој ден ја донело Генералното собрание на ОН со Резолуцијата 42/112 на 7 декември 1987 година, а денот се одбележува од 1989 година.
Во 1988 одбележувањето почна со строг тон: „општество ослободено од злоупотреба на дроги.” Декадата 1991–2000 беше наречена „Декада на ОН против злоупотреба на дроги.” Во 2026, тонот е поинаков. Денот еволуирал паралелно со глобалната дебата, од порака фокусирана на спроведување закони во поурамнотежен пристап кон јавното здравје, кој ги поставува третманот, превенцијата, намалувањето на штети и човековите права рамо до рамо со борбата против трафикингот.
Проценките на UNODC покажуваат дека околу 292 милиони луѓе употребиле дроги во текот на изминатата година, а 64 милиони страдаат од нарушувања поврзани со употреба на дроги. Само 1 од 11 луѓе со такво нарушување добива третман, со значителни празнини во земjите со ниски и средни приходи. Во последните децении, глобалната употреба на дроги и бројот на дроги на пазарот постојано растат. Вековната доминација на хероинот на глобалните пазари на опиоиди е сè повеќе предизвикана од синтетичките опиоиди. Производството, заплените и употребата на кокаин исто така продолжуваат да растат, додека ниските трошоци за производство на синтетски дроги придонесуваат за нивно зголемување на илегалните пазари.
Пролиферацијата на синтетски дроги и растот на онлајн мрежите за трафикинг ја влошуваат кризата. Во исто време, кревките здравствени системи, упорните празнини во третманот и ограничениот пристап до поддршка ги поткопуваат напорите за намалување на стигмата.
„Војната против дрогата”: идеjата која изгуби
Во 1971 година, претседателот Никсон прогласи „национална вонредна состојба” и објави „војна против дрогата.” Следуваа четири децении на масовно затворање, криминализација на корисниците, затнати затвори. Резултатот: употребата на дроги не падна. Системската нееднаквост се зголеми. Маргинализираните заедници го поднесуваат несразмерниот товар.
Во 2011 година, Глобалната комисија за политики за дроги во која заседаваа поранешни претседатели и државници, официjално заклучи дека „глобалната војна против дрогата пропадна.” Денес, повеќе земји ги реформираат своите политики. Португалија го декриминализираше поседувањето уште во 2001 и ја намали смртноста поврзана со дроги за 80%. Швајцарија воведе програми за хероин на рецепт. Канада и 24 американски држави ја легализираа канабисот. Германија ја декриминализираше во 2024.
Ова не е „попуштање пред дрогата.” Тоа е признавање на едноставен медицински факт: зависноста е хронична болест, не морален недостаток.
Намалување на штети: пристапот кој спасува животи
Намалувањето на штети не е мотото кое вели „дрогата е во ред.” Тоа е практичен пристап кој вели: „Луѓето ги користат и ќе ги користат дрогите. Нека останат живи додека ги помагаме.” Тоа значи: игли за еднократна употреба (за да не се шири ХИВ и хепатит), програми за замена со метадон или бупренорфин, соби за безбедна употреба, налоксон антидот за предозирање со опиоиди, достапен преку шалтер. Овие интервенции не ја зголемуваат употребата на дроги. Тоа го покажуваат стотици студии. Ги спасуваат животите на луѓе кои, без нив, умираат сами, без помош, во ходник или паркинг.
Македонија: помеѓу два пристапа
Македонија не е надвор од оваа слика. Проблемот со зависности постои, видлив е и мерлив. Македонија има програми за замена со метадон Центарот за ментално здравје при Клиничкиот центар и мрежата на диспанзери нудат супституциона терапија и тоа е чекор во вистинска насока.
Но системот е тесен. Пристапот до третман е нерамномерен, различен во Скопје, различен во Тетово, речиси непостоечки во помалите општини. Стигмата останува масивна бариера: корисниците на дроги ретко ја бараат помошта поради страв од осуда, дискриминација или кривична одговорност.
Законодавниот пристап сè уште е доминантно казнувачки. Македонскиот Кривичен законик ги третира корисниците, не само дилеритесо кривично-правни последици. Граничната линија помеѓу „употреба за лична потреба” и „поседување” не е секогаш јасна, а нејаснотиите во практиката паѓаат на товар на корисникот, а не на системот.
Во земјава нема официјални податоци за точната бројка на малолетници што користат дрога или психотропни супстанции во 2024/2025. Не постои системско прибирање и обработка на податоците за употребата на дроги и за употребата на дроги кај малолетници. Недостасува регистар и системска евиденција на ниво на држава, сметаат невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика.
Од невладината организација Хера каде работат советувалишта за корисници на дрога или психотропни супстанции, велат дека според податоците од нивната советувалишна работа, психосоцијална поддршка од терпевти во советувалиштето за советување и поддршка од употреба на дроги и психоактивни супстанци, во 2024 има опфат на 121 млади лица/ адолесценти (80 машки, 41 женски). Во 2025, во период од јануари до септември, има опфат на 63 млади лица/ адолесценти (48 машки, 15 женски).
Најчесто велат употребата кај лицата од пониска социјална класа се сведува на инхалација на лепила, бронза, канабис и опијати.
-Кај средношколците освен канабис и опијати, се забележува употреба и на кокаин. Од пракса и советувалиштната работа која ја имаме, се забележува пораст во употребата на кокаин, амфетамини и екстази и ова е тренд секаде во светот, па и кај нас –изјави за Трн Весна Матевска, програмска раководителка на Хера.
На прашањето дали постои тренд на зголемување или намалување на бројките, од Хера велат дека за да се знае дали има некаков тренд, треба да имаме регистар и системска евиденција на податоците за употребата на дроги.
-Ние немаме системска евиденција и ако ги видите податоците кои институциите ги објавуваат, ќе забележите разлика во бројките во МВР, Центри за социјална работа и Институт за јавно здравје. Последната анализа од Народен Правобранител го потврдува истото, дека во земјата нема централизирана база на податоци за децата кои користат дроги или психотропни супстанции. Состојбата е дополнително усложнета бидејќи многу случаи не се евидентираат, ниту децата се упатуваат кон институции за третман и поддршка. Овој недостаток го потврдуваат Комитетот за правата на детето на ОН и Народниот правобранител, кои укажуваат дека системот за заштита е недоволно развиен, а нема обучен кадар и соодветни програми за работа со деца кои користат дроги – вели Матевска.

Анализата на Народониот правобранител за употребата на психоактивни супстанции, потенцира дека кај младите се бележи благ пораст, а загрижувачки се податоците дека дел од корисниците започнуваат со дроги уште во детска возраст.
„Иако државата располага со стратегии и програми на хартија, системското решение за малолетните зависници – практично не постои“ се вели во извештајот.
Според Европското истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД, спроведено во земјава во 1999, 2008, 2015 и 2019 година, младите најчесто користат канабис. Податоците покажуваат постепен раст на употребата кај учениците од 15 до 16 години. Иако ова ниво е пониско од европскиот просек, трендот на зголемување е јасен. Новата ЕСПАД студија од 2024 година е завршена, но извештајот сè уште не е јавно достапен. Според Извештајот на Народниот правобранител, во периодот јануари 2023 – јуни 2024, Центрите за социјални работи видентирале вкупно 50 деца (46 машки и 4 женски) кои користеле психотропни супстанци. Најмногу случаи се во Скопје и Тетово, а евидентирани се и во Охрид, Гостивар и Свети Николе. Возрасната група е од 14–16 години, а најчесто користени супстанции: марихуана, халуциногени и стимулативни дроги.
Поголемиот дел од случаите (над 90%) се пријавени од страна на МВР, што укажува на реактивен, а не превентивен пристап. Центрите немаат унифицирани протоколи или стандарди за постапување; се потпираат на сопствено искуство. Проактивна идентификација е ретка – дел од центрите соработуваат со училишта, полиција и родители, а во Пробиштип се спроведуваат патролни активности за откривање деца во ризик.
Само три центри спроведуваат активности за рехабилитација и советување, психосоцијална поддршка и организирање на слободно време. Недостасуваат специјализирани установи и долгорочни програми за ресоцијализација. Децата најчесто се препраќаат во Клиниката за психијатрија или токсикологија – Скопје. Повеќето општи болници (Куманово, Охрид, Штип, Битола, „8 Септември“ – Скопје, Негорци) немаат евиденција на деца корисници на дроги. ЈЗУ Клиника за детски болести – Скопје: 7 деца третирани во 2023 (вклучувајќи едно под 6 години). ЈЗУ Општа болница – Струмица: 1 дете на возраст 16–18 години. Ниту една здравствена установа нема протоколи, акти или обучен кадар за третман на зависни деца, се вели во извештајот.
-Претставки за деца кои користат дроги и други психотропни супстанции не се поднесени во изминатите две години.
Три нешта кои Македонија може да ги направи сега
Светот нуди модели. Македонија не мора да ги измислува.
Прво, декриминализација на поседувањето за лична употреба. Ова не е легализација. Тоа е административна, а не кривична реакција, глоба или упат кон третман наместо затворска казна. Португалија покажа дека функционира.
Второ, проширување на програмите за намалување на штети. Достапноста на налоксон, програми за безбедна употреба, мобилни тимови во маргинализираните заедници, сето ова може да се воведе без законски промени.
Трето, јавна десигматизациjа. Зависникот кој бара помош треба да доживее поддршка, а не казна. UNODC со своите кампањи го нагласува значењето на зборовите — тоа дали некој е „наркоман” или „лице кое употребува дроги” не е само семантика, тоа ги одредува шансите дали тој човек ќе побара помош или не.
Мотото на 2026: иновациjа и солидарност
Генералниот секретар Гутереш оваа година побара „искористување на технологијата за запирање на сајбер-трафикингот, работа со полицијата за детектирање и разбивање на криминалните мрежи и производството на синтетски дроги, и зголемување на инвестициите во превенција, намалување на штети и третман.” Балансот е намерен. Борбата против трафикингот и грижата за корисниците не се во спротивност тие се два дела од ист одговор. Тоа е лекцијата која светот ја учи три децении. Тоа е лекцијата која Македонија сè уште ја учи.
На 26 јуни, вреди да se запрашаме: дали нашиот систем го тера зависниот да се засрами или го поканува да побара помош?