Меѓународната линија Дубровник – Бари, која ја одржува траектот „Далмација“ на хрватската „Јадролинија“, е во прекин поради дефект на главниот мотор.
Поради дефектот, се откажуваат и претстојните патувања кон Бари и Анкона.
Патниците ќе добијат поврат на средствата
Од „Јадролинија“ соопштија дека ќе им бидат вратени парите на сите патници, а компанијата ќе ги покрие и трошоците што настанале поради откажувањето на патувањата.
На патниците им бил понуден и превоз со друг бродски превозник што одржува линии кон Италија.
„Иако линиите што „Јадролинија“ ги одржува кон Анкона и Бари моментално се во прекин, поморската врска меѓу Хрватска и Италија од Сплит и понатаму постои и ја одржува италијански бродски превозник“, наведуваат од компанијата.
Службите работат бродот повторно да заплови
Од „Јадролинија“ велат дека стручните служби работат на тоа „Далмација“ што поскоро повторно да биде ставена во функција.
Компанијата најави дека јавноста навреме ќе биде информирана за следните чекори и им се извини на патниците за непријатностите.
„Далмација“ е најголемиот брод во историјата на „Јадролинија“
Траектот „Далмација“ е изграден во 1993 година во норвешкото бродоградилиште Fosen Mekaniske Verksteder AS, под името „Oslofjord“.
Во 2014 година бил реконструиран во Финска, според проект на OSK Design, а во флотата на „Јадролинија“ е од 2024 година.
„Далмација“ е најголемиот брод во историјата на флотата на „Јадролинија“. Долг е 134 метри, има просечна брзина од 17 јазли и може да превезе 1.800 патници и 350 автомобили.
На бродот има два ресторана, три бара, грил-бар и игротека за деца.