Пет активни пожари низ Македонија до 13 часот

Активни пожари има во општините Студеничани, Јегуновце, Штип, Зелениково и Велес, додека под контрала се пожарите во Кратово и Делчево

Пет активни пожари има низ Македонија денеска до 13 часот информираат од Центарот за управување со кризи.

Активни се пожарите во Општина Студеничани, во атарот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума, како и во Општина Македонски Брод, пожарот во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица кој зафаќа ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активен е и пожарот на територијата на Општините Велес и Зелениково, кој го зафаќа подрачјето на селото С’лп и месноста Горно Село во Општина Велес, со проширување кон селото Карабуњиште и селата Добрино и Тисовица во Општина Зелениково. Таму гори ниска вегетација, дабова и габерова шума, како и квалитетна дабова шума.

Пожарот на територијата на Општините Јегуновце, Желино и Сарај ги зафаќа селата Копанце и Туденце во Општина Јегуновце и селото Церово во Општина Желино, со проширување кон селото Бојане во Општина Сарај. Гори мешана шума.

Активен е и пожарот во населбата Балканска во Општина Штип, каде гори ниска вегетација.

Пожарите под контрола се во Општина Кратово, кај селото Железница, каде гори депонија, и во Општина Делчево, исто така на депонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс