Македонија го заврши претседавањето со Јадранско-јонската иницијатива и со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион, ЕУСАИР, со завршниот министерски панел, прес-конференција и симболично предавање на претседавањето на Италија. Единаесеттиот форум на ЕУСАИР и министерскиот состанок се одржаа во Скопје, како завршен настан на македонското претседавање.
Форумот годинава се одржа под мотото „Accelerating EUSAIR: From Commitment to Impact“, односно од заложби кон конкретни резултати. Настанот ги собра министрите, претставници на Европската комисија, регионални институции, локални власти, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и млади од земјите учеснички во Јадранско-јонскиот регион.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во воведното обраќање порача дека макрорегионалната соработка денес не е само дипломатска формула, туку стратешки инструмент за стабилност, отпорност и европска интеграција на регионот. Според него, ЕУСАИР треба да функционира како конкретен мост кон постепена европска интеграција, особено во време на сериозни геополитички и економски предизвици.
Во рамки на форумот се одржа и министерскиот состанок на Јадранско-јонскиот совет/ЕУСАИР, на кој земјите учеснички ја усвоија Скопската декларација. Со неа повторно беше потврдена заложбата за зајакнување на регионалната соработка, поддршка на процесот на проширување и унапредување на заедничките европски приоритети.
На завршниот панел, министрите и претставниците на земјите учеснички ја нагласија важноста на регионалната соработка, поврзаноста и европската интеграција како двигатели на стабилноста и развојот на Јадранско-јонскиот регион. Пораката од Скопје е дека проширувањето на ЕУ не смее да остане само политичко ветување, туку треба да се поврзе со реформи, заеднички инвестиции, поголема координација и реални резултати за граѓаните.
ЕУСАИР е макрорегионална стратегија на Европската Унија воспоставена за да ја зајакне соработката меѓу земјите од Јадранско-јонскиот регион, и тоа во области како транспорт, животна средина, културно наследство, туризам, регионална интеграција и прекугранична соработка. Годинашното издание во Скопје беше фокусирано на спроведување на ревидираниот Акциски план, европското проширување, активното вклучување на младите и демографските предизвици.
Со предавањето на претседавањето на Италија, Македонија го затвори својот мандат со порака дека регионот има потреба од повеќе координација, посилна поврзаност и повеќе заеднички инвестиции. ЕУСАИР, според заклучоците од форумот, останува важна платформа за дијалог, усогласување и постепено приближување на регионот кон Европската Унија.