Дванаесетгодишниот Македон Димитровски од Македонија е примен во светски познатата Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД. Информацијата ја соопшти неговиот татко, Владимир Димитровски, наведувајќи дека младиот математичар го добил и највисокото признание на тестирањата, откако претходно оствари исклучителен резултат на стандардизираниот американски академски тест.
По спроведените академски тестирања, Македон го доби признанието „Гранд Хонорс / СЕТ“ (Grand Honors / SET – Study of Exceptional Talent). Оваа диплома претставува највисок ранг во рамките на CTY тестирањата на Центарот за талентирани млади при американскиот универзитет, наменета за ученици кои покажуваат натпросечни резултати по математика и вербални вештини.
Успехот доаѓа по континуирана серија тестирања. На само 11 години, Македон успеа да освои 1.440 поени на официјалниот САТ тест за прием на колеџи во САД. Од нив, 740 поени беа на делот по математика, а 700 поени на делот за читање и пишување, што е резултат соодветен за средношколци пред матура.
Ова академско признание не е случајно за младиот македонски ученик. Зад него стојат повеќе од 20 златни медали освоени на престижни меѓународни натпревари по математика низ изминатите години, каде што тој редовно се натпреваруваше со врсници, но и со значително постари генерации.
Неговиот татко упати јавна благодарност и до министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, наведувајќи дека институционално го препознала талентот на Македон и дала поддршка во неговиот понатамошен образовен напредок.