Клиничката дијагностика во реалниот свет е процес на постепено собирање информации и донесување заклучоци, а не еднократна анализа на целосно подготвен медицински случај. Лекарите започнуваат со ограничени податоци, формираат почетна листа на можни дијагнози, а потоа одлучуваат кои дополнителни прашања и испитувања се потребни. Притоа ја проценуваат очекуваната дијагностичка корист во однос на трошоците, оптоварувањето на пациентот и времето потребно за поставување дијагноза.
Претходните тестирања на јазичните модели главно се засновале на веќе комплетирани медицински случаи, што не ја одразува целосно вистинската клиничка практика. Пациентите, вообичаено, не доаѓаат на преглед со однапред подготвен и целосен преглед на симптомите.
За да го надминат овој недостаток, истражувачите на Мајкрософт го развиле интерактивниот систем за вештачка интелигенција МАИ-Ди-Екс-Оу, претставен во истражување објавено во научното списание „Сајенс“.
Системот симулира тим лекари што започнува со главната тегоба на пациентот, постепено ја преиспитува диференцијалната дијагноза и самостојно одлучува кои дополнителни прашања треба да ги постави и кои испитувања да ги побара, со внимание и на нивната цена.
Точност од 80,3 проценти
Во тестирањето со вообичаени клинички случаи собрани од практиката на итните служби во САД, системот МАИ-Ди-Екс-Оу постигнал точност од 80,3 проценти. Според резултатите наведени во истражувањето, тоа е околу 1,7 пати поголема точност од онаа на лекарите од општа пракса, кои во истите услови постигнале 46,8 проценти.
Системот покажал добри резултати и во посложени медицински случаи презентирани на клиничко-патолошки конференции и објавени во списанието „Њу Ингланд џурнал оф медисин“. Во оваа група случаи, МАИ-Ди-Екс-Оу постигнал точност од 83,2 проценти, наспроти 36,1 процент кај лекарите.
Според истражувањето, системот бил повеќе од двојно поточен и од лекарите што користеле медицински учебници и интернет за да дојдат до дијагноза. Во споредба со лекарите што поставувале дијагнози без тие дополнителни ресурси, неговата точност била речиси четирипати поголема.
Резултатите укажуваат на потенцијалот на вештачката интелигенција да помогне во процесот на клиничко одлучување, особено кога треба да се изберат следните дијагностички чекори врз основа на нецелосни информации. Сепак, резултатите од тестирањата сами по себе не докажуваат дека системот може да ги замени лекарите во секојдневната клиничка практика.
