Пресметка на левицата и десницата во Бразил: Лула против синот на Болсонаро

Актуелниот претседател влегува во трка за четврти мандат, но анкетите покажуваат тесен резултат и неизбежен втор круг со Флавио Болсонаро.
Фото: EPA/ANTONIO LACERDA

Бразил утре гласа на претседателски избори на кои левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва бара четврти мандат, соочен со притисок од сенаторот Флавио Болсонаро. Анкетите покажуваат дека осумдесетгодишниот Лула тесно води во првиот круг меѓу вкупно 13 кандидати, но без доволно гласови за победа уште во недела. Главната политичка битка за иднината на најголемата латиноамериканска економија практично ќе се води во вториот круг закажан за 25 октомври.

За време на предизборните настапи Лула отворено предупреди на надворешно мешање во изборниот процес. Неговиот актуелен мандат помина во постојани дипломатски и економски триења со администрацијата на Доналд Трамп, која воведе низа царини за бразилските производи.

Лула настојуваше да ја задржи надворешнополитичката независност на Бразил, потпирајќи се на блиските трговски релации со Пекинг. За разлика од него, семејството Болсонаро градеше директни врски со Белата куќа, користејќи ги честите посети на Вашингтон за зацврстување на сопствената политичка позиција пред домашната јавност.

Политичките аналитичари оценуваат дека сојузништвото со американските републиканци претставува политички штит за семејството на поранешниот претседател Жаир Болсонаро. Леонардо Барето од консултантската компанија „Тинк полиси“ посочува дека помладиот Болсонаро свесно игра на картата на американска поддршка за да привлече конзервативни гласачи.

Бразилските гласачи утре одлучуваат дали ќе го продолжат социјално ориентираниот курс на Лула или ќе се приклучат кон регионалниот бран на зајакнување на десницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс