Луѓе заработуваат до 900 долари месечно учејќи роботи да мијат садови и да чистат

Додека светот стравува дека роботите ќе им ги одземат работните места на луѓето, во Кина се појавува сосема нова професија – тренер на роботи.

Работниците заработуваат меѓу 600 и 900 долари месечно така што со часови мијат садови, бришат маси, редат облека и повторуваат едноставни движења. Нивната задача е да ги научат машините како еден ден самостојно да ги извршуваат токму овие работи.

Во кинеските технолошки центри сè повеќе луѓе се вработуваат на необични работни места, каде што нивната главна задача е извршување секојдневни домашни активности пред специјални сензори и камери. Наместо да произведуваат производи или да управуваат со машини, тие ги обучуваат роботите што во иднина би можеле да работат во домовите, фабриките и продавниците.

Според „Саут Чајна Морнинг пост“, компаниите ангажираат таканаречени тренери на роботи, кои носат опрема за следење на движењата. Секој нивен потег се снима, анализира и претвора во податоци со кои се обучуваат роботските системи засновани на вештачка интелигенција.

Целта е роботите да научат не само да извршуваат однапред зададени команди, туку и да ги препознаваат предметите, да ги приспособуваат движењата и да реагираат на различни ситуации.

По 200 пати дневно мијат садови и бришат маси

Четириесетгодишната Лиу Јун од Пекинг е една од работничките што ја избрале оваа професија откако останале без работа.

По губењето на работното место во автомобилската индустрија, таа тешко наоѓала ново вработување, па прифатила да работи во студио за обука на роботи.

Нејзиниот работен ден се состои од повторување едноставни движења, како преместување чаши, чистење површини и миење садови. Сензорите го бележат секое движење, а собраните податоци се користат за усовршување на роботите.

Дневната норма изнесува околу 160 примероци на движења, додека најпродуктивните работници успеваат да направат повеќе од 260.

Лиу раскажува дека понекогаш морала да ги повторува истите домашни активности и по 200 пати дневно, што претставувало голем физички напор.

Иако на прв поглед работата изгледа едноставна, постојаното повторување исти движења може да биде физички и психички исцрпувачко.

Платата достигнува 900 долари, но работата не е лесна

Месечните примања на тренерите на роботи во Кина се движат од 4.000 до 6.000 јуани, односно приближно 600 до 900 американски долари.

Некои работници се ангажирани за дневница од околу 18 долари, додека ноќните смени се нешто подобро платени.

Огласите за вакви работни места сè почесто се појавуваат на кинеските социјални мрежи и платформите за вработување, привлекувајќи невработени лица, студенти и луѓе што бараат дополнителна заработка.

Дваесет и двегодишен студент од провинцијата Шанси работел како тренер на роботи за време на летниот распуст. Неговата задача била да повторува стандардизирани движења при редење облека и чистење подови.

Сепак, по завршувањето на ангажманот оценил дека заработката не го оправдува физичкиот и психичкиот напор.

Роботи се обучуваат и преку домашни работи

За други, новата професија нуди можност за заработка без напуштање на домот.

Гуо Хонгјуан од источната кинеска провинција Џангсу работи околу шест часа дневно од својот дом, извршувајќи едноставни активности како редење книги, бришење маси и преместување предмети.

Со помош на специјална опрема, нејзините движења се снимаат и се користат за обука на роботски системи, а месечната заработка изнесува околу 4.000 јуани.

Ваквиот начин на работа ѝ овозможува полесно да ги усогласи професионалните и семејните обврски.

Но, не сите успеваат да се приспособат. Монотонијата и постојаното повторување на исти активности се меѓу главните причини поради кои дел од работниците брзо се откажуваат.

Вештачката интелигенција учи и од уличните чистачи

Собирањето податоци за човечките движења веќе не е ограничено само на домаќинствата.

Кинеската технолошка компанија Physen AI во август започнала соработка со комунално претпријатие, при што уличните чистачи биле опремени со уреди за следење на движењата.

На овој начин се собираат информации за тоа како работниците ги чистат улиците, ги избегнуваат пречките и реагираат во непредвидени ситуации, на пример кога покрај нив поминува електричен велосипед.

Податоците потоа се користат за развој на роботи што ќе можат да работат во реални и променливи услови, наместо само во контролирани лабораториски средини.

Иронијата на новата професија: Луѓето ги обучуваат машините што можат да ги заменат

Појавата на тренери на роботи отвори поширока дебата за иднината на работните места во услови на забрзан развој на вештачката интелигенција.

Од една страна, технологијата создава нови професии и можности за заработка, вклучително и за луѓе што немаат специјализирано техничко образование.

Од друга страна, постои парадокс: работниците денес заработуваат обучувајќи машини кои во иднина би можеле да ги преземат токму нивните работни задачи.

На кинеските социјални мрежи реакциите се поделени. Дел од корисниците сметаат дека ова е нова можност за флексибилно вработување, додека други предупредуваат дека станува збор за привремена професија, чија потреба би можела да се намалува како што роботите стануваат посамостојни.

Развојот на ваквите работни места покажува и една помалку видлива страна на технолошката револуција: зад роботите што учат самостојно да мијат садови, да чистат или да редат облека, засега стојат вистински луѓе кои илјадници пати ги повторуваат истите движења.


И додека машините учат како да ги заменат човечките раце, луѓето добиваат плата за да ги научат како се прави тоа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс