Витамински фластери наместо таблети

Заборавете на таблетите, капсулите и витаминските напитоци – новиот тренд во светот на додатоците во исхраната ветува дека е доволно да залепите мал фластер на кожата за организмот да ги добие потребните витамини. Производите се рекламираат како практично решение за повеќе енергија, подобар сон, посилен имунитет и помал замор. Но зад атрактивниот маркетинг се поставува важно прашање: дали витамините навистина можат да се апсорбираат преку кожата во доволни количест

Во индустријата за здравје и убавина постојано се појавуваат производи што ветуваат полесен и поедноставен начин на грижа за организмот. По витаминските гумени бонбони, колагенските напитоци и суплементите во прав, внимание привлекуваат витаминските фластери

На прв поглед изгледаат како обични лепенки. Се поставуваат на кожата, а производителите тврдат дека нивните активни состојки постепено се ослободуваат и навлегуваат во организмот.

Во понудата се фластери со витамин Б12, витамин Д, магнезиум, биотин и различни комбинации на суплементи. Некои се рекламираат како помош против замор, други како производи за подобар сон, концентрација или поздрав изглед на кожата.

Нивната најголема предност, барем според рекламите, е едноставноста: нема голтање таблети, нема непријатен вкус и нема потреба од подготовка на напитоци.

Но научните докази засега не ги следат сите маркетиншки ветувања.

Кожата не пропушта сè што ќе залепиме на неа

Иако постојат медицински фластери преку кои успешно се доставуваат одредени лекови, тоа не значи дека секој витамин или минерал може ефикасно да навлезе во организмот на ист начин.

Кожата претставува природна заштитна бариера, чија задача е да спречува навлегување на потенцијално штетни материи.

За одредена супстанција да биде ефикасно доставена преку кожата, важни се нејзините хемиски својства, големината на молекулите, концентрацијата и технологијата што се користи во фластерот.

Токму затоа, витаминските фластери не можат автоматски да се споредуваат со медицински трансдермални системи чија ефикасност е клинички испитана.

Научниот преглед објавен во списанието Metabolites укажува дека доказите за доставување микронутриенти преку кожата сè уште се ограничени, а резултатите зависат и од применетата технологија.

Една од студиите што го испитувале ова прашање била спроведена кај пациенти кои претходно имале операција за намалување на желудникот.

Истражувачите споредиле две групи: едната користела витамински фластери, додека другата земала додатоци во форма на таблети.

По една година, 82,35 проценти од корисниците на фластери имале недостиг од најмалку еден витамин или минерал, наспроти 40,74 проценти кај оние што земале таблети.

Кај корисниците на фластери биле забележани и пониски концентрации на витамините Д, Б1 и Б12.

Студијата била релативно мала и спроведена кај специфична група пациенти, па резултатите не можат да се пренесат на целата популација. Сепак, тие покажуваат зошто е потребна претпазливост со ветувањата за ефикасност.

Друга пилот-студија од 2022 година укажала на можност за апсорпција на некои хранливи материи, но авторите нагласиле дека се неопходни поголеми, контролирани клинички испитувања за да се потврди дали фластерите обезбедуваат доволна суплементација.

Може ли витаминските фластери да бидат опасни?

Самото користење витамински фластер не значи дека производот е опасен. Можни се локални реакции како иритација, чешање или црвенило на кожата.

Поголемиот ризик настанува кога луѓето со докажан недостаток на витамини ќе ја заменат препорачаната терапија со производ чија ефикасност не е потврдена.

Особено внимание е потребно кај лица со нарушена апсорпција на хранливи материи и кај пациенти по баријатриски операции.

Во медицинската литература е опишан и случај на сериозен недостаток на витамин Б1 кај пациент кој користел витамински фластери наместо препорачаните орални суплементи по операција на желудникот.

Зошто тогаш стануваат популарни?

Одговорот делумно се крие во начинот на кој се претставуваат производите.

Фластерот изгледа модерно, едноставно и дискретно. За разлика од таблетите, не потсетува на класична терапија, туку повеќе на дел од секојдневна рутина за убавина и благосостојба.

Дополнително, производите често се претставуваат како решение за повеќе проблеми истовремено, од недостаток на енергија до лошо расположение и нарушен сон.

Но заморот не мора да биде резултат на витамински недостаток. Тој може да биде поврзан со недоволно спиење, стрес, анемија, хормонални промени или други здравствени состојби.

Затоа, пред да се посегне по суплементи, важно е да се утврди дали навистина постои потреба од нив.

За луѓето што имаат потреба од конкретен витамин или минерал, докажаната апсорпција и соодветната доза се поважни од практичноста на производот.

Витаминските фластери остануваат интересна технологија, но достапните истражувања не даваат доволна основа тие да се препорачуваат како сигурна замена за стандардните суплементи.

Особено не треба да се користат како замена за медицински препишана терапија.


Заклучокот е едноставен: не секој производ што ветува дека ќе ни го олесни животот има и научни докази дека навистина функционира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс