Како Љубојно повторно го откри заедништвото

Еден човек го запре патот на камионите, а зад него застана цело село. Борбата за шумата го разбуди Љубојно, ги обедини Љубанци и им покажа дека заедничкото може да се одбрани само заедно.

Измина веројатно најдинамичната година, брем што се однесува до селаните од Љубојно, или Љубанци како што се нарекуваат себеси. Од печалбарско село во летаргија, до будна заедница која секојдневно ја брани шумата, го чисти селото и ја средува локалната инфраструктура, која и онака самите ја имаат направено пред пеесетина години.

Приказната за нивното будење започна на 12 август 2025 година кога приметија како тешки камиони симнуваат исечено дрво од планината над селото. Видоа дека се сече „на голо“ и дека дождовите и ерозијата ќе го загрозат селото, дека цевките од селскиот водовод се веќе искршени од тешките камиони.

„Лани летото бевме многу непријатно изненадени кога сфативме дека шумските власти одлучиле да ги оголат планините над нас, а ние имаме проблем бидејќи сме доста ерозивно подрачје. Шест долови се над нас и тоа значеше поплава на селото, останување без природа, без животни и без живот. И она што го имаме малку, ќе останеше уништено и несочувано“ раскажува Лазо Ангеловски.

Тука почнуваат две приказни.

Едната е за селото кое се разбуди во борба за зачувување на селото и неговите ресурси, борба која ја рабуди долго заспаната заедница. Затоа што Љубанци беа како и мнозинството од нас: малку подзаспани, малку летаргични, што заради политичка поларизација, што заради табиетот. „Кој во клин, кој во плоча“ како што велат и самите. Сега, после многу децении почнаа да делуваат заедно и на просторот на селото да гледаат како на заеднички простор, заедничко добро кое треба да се брани и одржува исто како и приватното. „Тоа нè натера да се здружиме сите заедно. Имавме една единствена цел а тоа е да си го спасиме Љубојно. И, да не речеме невообичаено за нашиве краишта, станавме единствени и до крај не дозволивме ситуацијата да ја преземат други“, заклучува Лале Ангеловски.

Втората приказна е за Васко Томулевски. Васко ги работеше гранапчето и кафнчето на плоштадчето во Љубојно. Васко се грижеше селските празници и слави да се прослават како што треба, дали водата е некаде секната и многу други селски раобти.

И на 12 август 2025 година со возило им го попречи патот на камионите кои ја соголуваа планината над Љубојно. Потег кој ги предизвика Љубанци да се приклучат и над сто денови да протестираат и да го блокираат патот за дрвоекачите и на крај дури да ја натераат државата да размисли за своите потези и да се повлече од намерата за сечење.

Со Васко зборувавме на средсело во Љубојно. Човек од малку зборови, но човек од акција. Како што секоја приказна со градењето на заплетот го создава носечките ликови. Во оваа приказна се издвои Васко Томулевски.

„На дванаести август, јас се поставив и го блокирав патот. Патот што е селски и на црквата го блокиравме. Ми дојде полиција, ме разбудија во 5 сатот. Па така тој ден почнавме секој ден да се береме повеќе и повеќе луѓе…“

Селаните со државно знаме напред – како што одат и на свадба и во борба, го бранеа заедничкото. И тој процес ги смени од корен.

„Се смени… Поинаку е сега со живот во Лјубојно, да кажеме, не знам. Се зближавме многу луѓето.“ ни раскажуваше Васко.

Љубанци почнаа да го чистат селото, да ги средуваат браздите и каналите за да се заштитат од поплави, да собираат средства како некој селски самопридонес и самите да го средуваат селото кога веќе општината и државата не се трудат.

Новотокриеното заедништво и моќ на самоорганизирањето го охрабрија селаните да мислат и на подобрување на селскиот водовод, да собираат средства и донации, да планираат следни чекори, да контактираат со невладини организации и со професори од факултети за тоа како селото да се заштити, а и да напредува.

Повторно се роди вистинска заедница.

И тогаш настрада Васко.

Многу често, во ваквите македонски (и балкански) приказни херојот… Како да е тоа некој образец или клише кое мора да се следи. Трагичноста е постојано присутна.

Во моментов е штама во Љубојно.

Се надевам дека нема да е долго така.

Љубанци, по долго време повеќе се во сегашноста отколку во приказните и митовите на историјата и сеќавањата. Живеат овде и сега. Се борат заедно, се организираат заедно и по долго време – живеат заедно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс