Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје објави 8.851 слободно место за идните студенти во академската 2026/2027 година. Првиот уписен рок ќе се одржи на 18 и 19 август, а пријавувањето се врши во службите за студентски прашања на факултетите, по претходна задолжителна електронска регистрација.
Од вкупниот број слободни места на 23-те факултети, 4.395 се резервирани за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет. За нив надоместокот за студии изнесува 200 евра во денарска противвредност годишно.
За редовните студенти кои ќе ги кофинансираат студиите се предвидени 3.621 место, додека за вонредните студенти се слободни 835 места. Школарината за овие две категории изнесува 400 евра годишно.
Како и во изминатите години, најголем број кандидати ќе можат да примат факултетите од медицинските, техничките и општествените науки. Медицинскиот факултет нуди 950 слободни места, додека на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) има 800 места.
Значаен капацитет отвораат и Филолошкиот факултет со 805 места, Економскиот со 655, Филозофскиот со 635, како и Природно-математичкиот факултет со 626 слободни места. На ФЕИТ и на Машинскиот факултет има по 600 места за идното академско поколение, а Правниот факултет нуди 555 места.
Пред физичкото пријавување на факултетите, сите кандидати треба да се регистрираат на официјалниот портал www.upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава во системот iKnow. Бројот што системот автоматски го генерира се внесува во хартичната пријава што се поднесува на шалтерите за студентски прашања.
По завршувањето на првиот рок, конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидати е предвидено за 3 и 4 септември. За факултетите каде што ќе останат слободни места, вториот рок ќе се одржи на 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември. Новата академска година официјално започнува на 1 октомври.