Драчево и Гази Баба се жаришта на западно-нилска треска, 26 заболени и еден смртен случај

Поголемиот дел од инфицираните се лица над 60 години со невроинвазивна форма на болеста, а сите пациенти се хоспитализирани во скопските клиники.

Институтот за јавно здравје регистрираше 26 случаи на западно-нилска треска во Македонија, при што најголем дел од заболените се лоцирани во Скопје, односно во општините Кисела Вода и Гази Баба. Вирусот однесе и една човечка жртва, а кај сите хоспитализирани пациенти е развиена невроинвазивна слика на болеста. Најголемиот бран на инфекции е забележан во текот на месец јули, соопштуваат здравствените власти.

Според официјалните податоци од Институтот за јавно здравје, дистрибуцијата на вирусот покажува силна концентрација во главниот град, каде што се евидентирани дури 25 од вкупно 26 заболени лица, додека еден случај е регистриран во Велес. Во рамките на Скопје, како главни жаришта се издвојуваат населбата Драчево во Општина Кисела Вода, како и руралните средини во Општина Гази Баба.

Здравствените анализи покажуваат дека болеста погодува главно постаро население. Дури 22 од заболените се лица на возраст над 60 години, додека преостанатите четири случаи се во возрасната група од 50 до 59 години. Просечната возраст на инфицираните изнесува 66,6 години, а според полот, поголем дел од евидентираните пациенти се мажи, вкупно 20, наспроти шест жени.

Епидемиолошката обработка потврди дека сите 26 регистрирани случаи во текот на годинава развиле невроинвазивна форма на болеста, односно симптоми на енцефалитис или менингитис. Ова наметна потреба од итна медицинска нега, при што 25 лица биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а еден пациент бил примен во приватната болница „Аџибадем Систина“. Во однос на класификацијата, 24 случаи се водеа како потврдени, а два како веројатни.

Анализата на терен покажува дека станува збор за речиси целосно локално пренесување на вирусот. Вкупно 25 од случаите се автохтони, што значи дека инфекцијата е добиена во земјава преку убод од комарец. Идентификуван е само еден случај со историја на претходно патување во Грција, но од ИЈЗ напоменуваат дека инкубацискиот период за овој пациент покрива и престој на територијата на Македонија.

Првите знаци на инфицираност кај поголемиот дел од пациентите се појавиле во средината на летото. Кај 17 лица симптомите започнале во јули, шест случаи се евидентирани во август, два во јуни и еден случај во мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс