Во Љубљана официјално се отвора „Bullshit – Музеј на балкански хумор“, прв музеј од ваков вид во светот, посветен на шегите и хуморот од Балканот. Според словенечката агенција STA, музејот ќе понуди уникатно искуство со околу 400 внимателно избрани шеги и досетки.
Поставката е организирана во неколку тематски простории, каде посетителите ќе можат да видат содржини поврзани со секојдневниот живот, храната и пијалаците, меѓучовечките односи, а посебен дел е наменет и за најмладите. Шегите се прикажани на повеќе јазици за да бидат разбирливи и за странските туристи.
Проектот привлекол големо внимание во регионот уште пред отворањето, благодарение на мистериозните плакати со натписот „Во Љубљана доаѓа Bullshit“, кои предизвикаа бројни реакции во Словенија, Хрватска и Србија.
Идејата за музејот потекнува од иницијаторот Borut Kokelj, кој со години собирал хумористични графити и шеги. Денес неговата колекција брои повеќе од 25 илјади записи, а музејската поставка ќе се обновува и дополнува со нови содржини.
Музејот ќе биде отворен секој ден, а посетителите ќе ги пречекува и традиционална чашка ракија, во духот на балканскиот хумор и гостопримство.