Литванија сака да испрати војници во мисија за заштита на Ормускиот Теснец

Државниот совет за одбрана на Литванија одобри план за испраќање до 40 војници во меѓународна мисија за заштита на пловидбата низ Ормускиот Теснец, додека Иран тврди дека успешно се справува со американската блокада.

Државниот совет за одбрана на Литванија, највисокото безбедносно тело во земјата, одобри план за испраќање сили во меѓународна мисија за заштита на пловидбата низ Ормускиот Теснец, соопшти кабинетот на претседателот.

Советот, во кој членуваат високи политички и воени претставници, го поддржал распоредувањето на до 40 припадници – војници и цивилен одбранбен персонал – кои би се приклучиле на сојузничките поморски безбедносни операции во овој стратешки важен морски премин, објави литванската национална радиотелевизија, пренесува „Ал Џезира“.

За планот да биде реализиран, предлогот мора да добие и одобрување од литванскиот парламент.

Иран: Имаме решение за блокадата

Во меѓувреме, иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад призна дека земјата се соочува со „предизвици“ поради американската блокада на нивните пристаништа, но тврди дека Техеран презел контрамерки.Во изјава за државната телевизија, тој не откри за какви мерки станува збор, но порача дека Иран успева да го одржи извозот.

„Во текот на 40 дена војна, нашето производство не опадна, а процесот на извоз беше поволен“, изјави Пакнеџад, додавајќи дека „непријателот е полн со заблуди“.

Тој призна дека по воведувањето на блокадата имало потешкотии, но нагласи дека Иран се приспособил на новите околности.

ЦИА: Иран може да издржи уште со месеци

Тврдењата на Пакнеџад делумно ги потврдува и неодамнешен извештај на американските разузнавачки служби. Според анализата на ЦИА, за која американските медиуми известуваа изминатиот викенд, Иран би можел да ги поднесува последиците од блокадата уште неколку месеци без сериозен економски колапс.

Се проценува дека Техеран нема да почувствува неподнослив притисок од блокадата на пристаништата пред крајот на летото, што дополнително објаснува зошто иранските власти и натаму инсистираат на укинување на блокадата како услов за траен мировен договор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс