Летната туристичка сезона во Грција може да се соочи со сериозни предизвици доколку продолжи кризата на Блискиот Исток и блокадата на Ормуски теснец, клучна артерија низ која поминува околу 20% од светската трговија со нафта и течен природен гас.
Според висок претставник од грчкиот сектор за рафинерии, земјата во моментов располага со резерви на гориво доволни за околу два месеца. „Целосно сме обезбедени за два месеца. Ако пловидбата низ теснецот не се обнови, ситуацијата подоцна ќе стане потешка“, изјавил тој за Катимерини.
Грција има четири рафинерии: во Аспропиргос, Елефсина и Солун чиј вкупен производствен капацитет ги надминува домашните потреби. Повеќе од 50% од производството се извезува, а безбедносните резерви се над законскиот минимум за покривање на побарувачката во период од 90 дена.
Сепак, блокадата на Ормускиот теснец, која трае од крајот на февруари поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, веќе влијае врз глобалните пазари. Растот на цените на нафтата директно се прелева врз транспортните трошоци, авионските билети и цените на услугите фактори кои се клучни за туристите.
За патниците ова значи дека, иако нема непосреден ризик од недостиг на гориво во екот на сезоната, можни се поскапи авионски и траектни билети, повисоки цени за изнајмување автомобили и потенцијални доцнења или редукции во транспортот ако кризата се продлабочи.
На краток рок, летувањето во Грција не е загрозено, но ако геополитичката ситуација остане нестабилна, ефектите би можеле да станат видливи токму во шпицот на сезоната. Туристите се советуваат да ги следат состојбите и навреме да ги планираат патувањата.