Луѓето кои планираат летен одмор со авион треба да се подготват за значително поскапи билети, предупреди германската министерка за економија Катарина Рајхе, пренесува Германската новинска агенција (dpa).
Главната последица од војната со Иран е растот на цените на горивото на светските пазари, вклучително и керозинот што го користат авионите. Поради тоа, се очекува авиокомпаниите да ги зголемат цените на билетите во период кога побарувачката за патувања е најголема. Министерката нагласи дека воздушниот сообраќај засега функционира стабилно и ги отфрли шпекулациите за можни масовни откажувања на летови поради недостиг на гориво.
„Сакам јасно да се направи разлика меѓу тоа дали билетите ќе бидат поскапи и дали летовите ќе бидат откажани. Ми се чини дека некои одат предалеку во тие проценки“, изјави Рајхе.
Таа додаде дека Германија досега немала потреба да ги користи сопствените резерви на керозин.
„Кога станува збор за туристите, пазарот моментално покажува дека дел од патниците ќе почувствуваат дополнителен финансиски товар“, рече германската министерка.
Од друга страна, повисоките цени на билетите им овозможуваат на авиокомпаниите полесно да ги покријат трошоците и да обезбедат доволен број авиони за летната сезона.
„Ситуацијата останува стабилна, но со повисоки цени“, заклучи Рајхе.