Лесни начини да се справите со мравки во домот

Од цимет и кафе до оцет и етерични масла, постојат едноставни домашни трикови што можат да помогнат против мравките во куќата.

Со доаѓањето на потоплите денови, мравките сè почесто се појавуваат во домовите, најчесто околу прозорците, вратите и аглите од просториите. Иако на пазарот има различни препарати за нивно отстранување, постојат и поедноставни, поевтини и подостапни начини со кои може да се намали нивното присуство во домот.

Еден од најпознатите трикови е употребата на цимет. Мирисот на циметот им пречи на мравките, па затоа може да се посипе во прав покрај прозорците, вратите или на местата каде што најчесто се забележуваат. Освен што може да помогне, домот ќе добие и пријатен мирис.

Сличен ефект имаат и етеричните масла, особено оние од лаванда, нане и еукалиптус. Доволно е мало парче вата да се натопи со неколку капки од маслото и да се постави кај влезовите, прозорците или другите критични точки во домот. Овие ароми се пријатни за луѓето, но не и за мравките.

Како практично решение може да послужи и талогот од кафе. Наместо да се фрли, може да се постави на местата каде што се појавуваат мравки, бидејќи и мирисот на кафе им пречи. Овој трик е едноставен и не бара дополнителни трошоци.

Мирисот на оцет исто така е меѓу најчестите домашни решенија против мравки. Во пет литри вода може да се додадат околу 100 милилитри оцет, а со таа мешавина да се пребришат подовите или површините каде што тие поминуваат. На тој начин просторот се освежува, а воедно се намалува и веројатноста мравките повторно да се задржуваат таму.

Како уште едно едноставно средство се споменува и беби пудрата, односно талкот. Ако се нанесе во аглите од просториите или покрај местата каде што мравките влегуваат, може да делува како природен репелент и да им го отежне движењето низ домот.

Иако овие методи не се секогаш трајно решение, тие можат да помогнат во првичната борба против мравките, особено кога станува збор за помала појава. Најдобар ефект сепак се постигнува ако се комбинираат со редовно чистење, затворање на местата од каде што влегуваат и отстранување на храна или трошки што ги привлекуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни