Search

Лекувањето е право или привилегија за најмаргинализираните

Ова не е ново прашање и истото во континуитет си го поставуваме сите што работиме со луѓето кои се на маргините во општеството. За темава планирав да пишувам за денот на здравјето – 7 април, ама за да избегнам од клишето се премислив. Но секако остана „паркирана“ за друга прилика.

Неделава решив повторно да ја актуелизирам темава, иако не е никаков меѓународен или национален ден или што знам било каков патронат поврзан со здравјето. Причина за тоа е посетата на една од казнено поправните установи во земјава во рамки на проектни активности спроведувани во рамки на еден проект поддржан од ЕУ. Нели се изнаслушавме за ЕУ, за желбата и посветеноста на нашите политичари да не внесат во ЕУ што поскоро, политичари од сите политички и етнички страни. Во целата таа нивна наводна 30 годишна посветеност да станеме дел од европското семејство во моментот во Македонија има државна казнено поправна установа во која осудени лица ја издржуваат казната затвор повеќе години, а истите ако сакаат да се лекуваат треба сами да си платат!

Да драги мои, добро прочитавте, лица чија слобода е ограничена треба да се снајдат и да си плаќаат приватно доколку сакаат да се лекуваат. А таму има луѓе кои имаат хронични здравствени состојби, кои месечно треба да платат десетици и стотици евра за да може да ја примаат редовно терапијата која им е потребна за нивните хронични здравствени состојби. Како се очекува овие луѓе да обезбедат средства, кога се лишени од слобода и неможат да работат, барем не легална работа? Како очекуваме овие луѓе да се ресоцијализираат кога нашиот систем со сета сила ги влече во длабочините на подземјето? Они кои имаат среќа да имаат поддршка од семејствата и ако нивните семејства може да им помогнат финансиски, можеби и полесно ќе го пребродат ова. Но, што со оние осудени лица кои немаат семејство ниту блиски кои би им помогнале, или нивните семејства се финансиски исцрпени или немоќни и не се во можност да им плаќаат лекување? За нив има две опции, едната е да се препуштат на судбината, па ако преживеат ќе раскажуваат или… Се знае „или“ што може да значи во ваков случај, но никако не може да значи ресоцијализација и реинтеграција во општеството по отслужувањето на казната затвор.

Здравствената заштита во казнено поправните установи е повеќедецениска рак рана во нашата држава и скоро во секој извештај од меѓународните тела и претставници за заштита на човековите права има сериозни забелешки за ова прашање. Кој знае колку пати до сега е констатирано дека лицата кои отслужуваат казна затвор немаат пристап до здравствена заштита во казнено поправните установи, дека жените кои се на отслужување казна затвор немаат пристап до гинеколог, дека сите осудени лица немаат пристап до стоматолошки услуги, дека сите состојби се лекуваат со аналгини и сл. Арестантското одделение пак е друга приказна, кој влегол внатре не посакал уште еднаш да се врати. Но, врвот на оваа негрижа од страна на државата е моментот дека осудените лица по влегување во казнено поправните установи остануваат на милост и немилост на државата и нејзините функционери кои не успеваат да им обезбедат ниту здравствено осигурување, а камоли квалитетна здравствена заштита на каква со децении укажуваат меѓународните претставници.

Додуша, видовме по медиумите дека некои осудени лица имаат попривилигиран третман и пристап до најскапата здравствена заштита во државава, се разбира со парите кои требаше да го завртат бројчаникот, но тие се бројат на една рака што би се рекло. За мнозинството осудени лица здравствената заштита останува привилегија, а не право. На овој муабет некој можеби ќе помисли дека и луѓето кои не се огрешиле кон законот немаат пристап до здравствена заштита, дека не чини и за нив здравствениот систем. И тоа е точно, не дека не се во право. Но сепак, не е исто да се бориш за одредено право од слобода и да не го уживаш тоа право додека си лишен од слобода!

Сериозно ќе потфрлиме во секој смисол како цивилизирано, намерно не кажувам демократско општество, доколку не се погрижиме сите луѓе да добијат подеднаков пристап до здравствена заштита и да може да го уживаат правото на лекување и правото на здравје како што личи на едно вакво општество.

Бидејќи непочитување на правото на здравје е еднакво на непочитување на правото на живот, а тоа знаеме дека е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Затоа што не смееме повеќе да дозволиме човечки животи да зависат од тоа дали некој може да си дозволи приватно лекување или не. Затоа што според устав сме солидарна држава и затоа што кругот се врти и сите може некогаш да бидеме доведени во ситуација да ни е потребна таа солидарност. А држава во која само 2% од вкупниот државен буџет отпаѓа на здравство не е солидарна кога е здравјето во прашање.

Затоа кога станува збор за здравјето не смееме да молчиме и треба да сме гласни не само за денот на здравјето, туку постојано, се додека сите не го уживаат поддеднакво ова право, од децата кои се зависни од дроги, а немаат програма за третман на зависноста, преку жените во Шуто Оризари и руралните места кои немаат пристап до гинеколошки услуги, па се до осудените лица кои немаат здравствено осигурување.

Затоа што лекувањето во 21 век не смее да биде привилегија!

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни