Поголемиот дел од лековите што најчесто се користат за ублажување болка или температура, како парацетамол и ибупрофен, се безбедни за употреба за време на доењето доколку се земаат според препорака на лекар или фармацевт. Експертите предупредуваат дека мајките не треба самостојно да донесуваат одлуки за прекин на терапијата или доењето, туку за секоја терапија треба да се консултираат со стручно лице.
Појавата на главоболка, забоболка, болки во грбот или температура кај мајките често отвора дилема дали смеат да употребат лек додека дојат. Според Фармацевтската комора, лековите како парацетамол и ибупрофен се меѓу најиспитаните и се сметаат за прв избор во овие ситуации.
Ибупрофенот преминува во мајчиното млеко во исклучително мала количина, додека парацетамолот при вообичаена употреба не предизвикува несакани ефекти кај детето. Сепак, тоа што еден лек е генерално безбеден не значи дека е соодветен за секоја мајка, особено кај оние со стомачни или бубрежни заболувања.
За да се минимизира преминот на супстанциите во млекото, фармацевтите советуваат подојот да се планира непосредно пред земањето на лекот. На тој начин, концентрацијата на лекот во крвта на мајката е најниска за време на следното хранење. Исто така, се препорачува да се избегнува доење во период од четири до шест часа по земањето на одредени терапии, доколку тоа го налага специфичниот лек.
Општо земено, при правилната и краткотрајна употреба на основните аналгетици нема потреба од прекинување на доењето, ниту пак од одмолзување и фрлање на млекото.
При проценката на безбедноста на терапијата, не се зема предвид само видот на лекот, туку и возраста и здравствената состојба на детето. Механизмите за разградба и елиминација на лековите се помалку развиени кај новороденчињата, предвреме родените бебиња и децата со одредени здравствени проблеми.
Поради тоа, советот што важи за мајка на здраво бебе од девет месеци не може автоматски да се примени кај мајка на предвреме родено новороденче.
Посебно внимание се советува при употреба на комбинирани препарати против настинка и грип. Овие лекови, покрај аналгетик, често содржат и кофеин, кодеин, антихистаминици или деконгестиви за нос, па безбедноста зависи од секоја поединечна компонента.
Покрај тоа, постои ризик од ненамерно пречекорување на препорачаната дневна доза доколку се комбинираат повеќе различни препарати што содржат иста активна супстанција, поради што е задолжителна консултација со фармацевт.