„Лебедово езеро“ ги отвори деновите на македонската култура во Белгија

Во Белгија започнаа „Деновите на македонската култура“ со балет, филм, џез концерт и изложба што ја претставуваат Македонија пред европската публика.

Во Антверпен со изведбата на балетската класика „Лебедово езеро“ на 2 мај официјално беа отворени „Деновите на македонската култура“ во Белгија – манифестација која ја претставува македонската уметност пред европската публика во нејзиното најрепрезентативно издание.

Настанот го организира и поддржува Министерството за култура и туризам, со цел промоција на богатото културно наследство и современото уметничко творештво на Македонија на меѓународната сцена. Според Министерството, меѓународното претставување на културата останува еден од клучните приоритети, а Белгија е една од стратешките дестинации каде во текот на 2026 година се реализираат програмски активности за афирмација на македонската уметност.

Програмата е разновидна и опфаќа повеќе уметнички области. Балетот при Националната опера и балет настапи во Антверпен со „Лебедово езеро“, при што преку современ сценски израз беше претставена македонската балетска сцена пред европската публика.

Во Брисел, во кино-салата „Cinema Galeries“, е прикажан филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, како пример за современата македонска кинематографија и нејзиниот креативен потенцијал.

На 5 мај во културниот центар „Bozar“ во Брисел е најавен концерт на НУ Оркестарот за џез музика, кој ќе понуди спој на македонската музичка традиција и современиот џез израз.

Во рамки на програмата за 2026 година е планирана и изложба на теракотни икони од Виница во Европскиот парламент редок археолошки и уметнички феномен од ранохристијанскиот период, со значајна вредност за меѓународната афирмација на македонското културно наследство.

„Деновите на македонската култура“ во Белгија претставуваат важна платформа за промоција на националниот културен идентитет и зајакнување на културната соработка со Европа, со цел поголема видливост на македонската уметност на меѓународната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни