За паркот од 86.000 квадратни метри идејни решенија се изработувале уште во 2020 година, расчистување на депонијата било најавено во 2021 година, а во декември 2024 година, во мандатот на Данела Арсовска, Град Скопје соопштил дека првата фаза е завршена. Денес, во ноември 2026 година, на истата локација повторно се расчистува отпад и се поставува урбана опрема.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави фотографии од работите на просторот покрај Вардар во Карпош 4, најавувајќи дека некогашната дива депонија ќе биде претворена во голем парк со зеленило, спортски терени, фитнес-зони, пешачки патеки, осветлување и хидрантска мрежа.
Според неговата објава, работите се одвиваат со засилена динамика, а паркот наскоро ќе биде целосно уреден. Но, архивските информации покажуваат дека ова не е нов проект, туку простор за кој со години се објавуваат планови, започнати активности и најави за завршување.
Уште во февруари 2020 година, кога градоначалник на Скопје бил Петре Шилегов, Град Скопје распишал конкурс за идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк во Карпош, на површина од 86.000 квадратни метри. Во април истата година биле објавени резултатите од конкурсот, на кој пристигнале 19 идејни решенија.
Три години подоцна, во октомври 2024 година, во мандатот на тогашната градоначалничка Данела Арсовска, Град Скопје повторно известуваше за градежни активности на истата површина. Во тој период со Општина Карпош раководеше Стевчо Јакимовски, кој беше градоначалник од 2021 до 2025 година.
Особено значајно е соопштението од 8 декември 2024 година, кога градските власти, предводени од Арсовска, објавија дека првата фаза од изградбата на мегапаркот е завршена. Тогаш се наведуваше дека запуштениот простор е исчистен и уреден, дека пешачките патеки се изградени и дека следува поставување дополнителна урбана опрема, уредување паркинг и простор за миленици.
Сепак, во септември 2025 година Трн.мк објави фотографии од недовршениот парк, на кои се гледаа обраснати површини, пропаднати рекламни табли и знаци на запуштеност. И покрај претходните информации за завршена прва фаза, просторот сè уште не функционираше како целосно уреден парк.
Тоа отвора прашања за одржувањето на веќе изградените содржини, но и за одговорноста на тогашното раководство на Град Скопје и Општина Карпош во периодот кога проектот стагнирал.
Дополнително прашање отвора и повторното расчистување на отпадот. Ако во декември 2024 година првата фаза била завршена и теренот бил исчистен, потребно е да се утврди како просторот повторно дошол во состојба да бара отстранување наталожен смет.
Тоа го отвора и прашањето кој бил задолжен за одржувањето, колку средства се вложени во претходните активности и дали дел од работите што сега се изведуваат веќе биле предмет на претходни договори.
Во јавно достапните информации нема целосна финансиска пресметка за досегашните вложувања во паркот, ниту преглед на сите договори и изведувачи во различните фази.
За граѓаните на Карпош најважно е просторот конечно да добие уредена зелена површина. Но, по шест години од првите идејни решенија и повеќекратните најави, оправдано е да се бара отчет за потрошените средства, изведените работи и роковите што досега не биле исполнети.
