Во рамки на серијалот #ИграјПонеделнички #MondayDance, Трн денес ја става на пиедестал „Lady (Hear Me Tonight)“ на Modjo. Песна што на крајот на 90-тите од едно мирно француско студио стигна до глобална препознатливост уште при првиот акорд и бит, без разлика дали си ја живеел во тоа време или само си ја наследил како класика. Таа мешавина од филтрирано диско, топол хаус грув и меланхоличен вокал создава чувство како прво пролетно “вечерење” кога сфаќаш дека сезоната на ноќни возења, тераси и барови официјално започнала.
„Lady (Hear Me Tonight)“ е дебитантскиот сингл на француското дуо Modjo односно на продуцентот Romain Tranchart и пејачот/гитарист Yann Destagnol, двајца млади музичари кои доаѓаат од рок и фанк, а завршуваат во тогашниот French touch круг инспириран од Daft Punk, Cassius и Bob Sinclar. Нивниот клучен потег е да посегнат по „Soup for One“ на Chic од 1982, да го исечат и филтрираат семплот во кружна гитарска фраза и врз него да изградат современа хаус структура со live бас и масен, но елегантен ритам. Вокалот не е класичен „дивa“ house вокал, туку повеќе кревко, интимно пеење, што на песната ѝ дава човечко лице под нејзината беспрекорна данс-површина.
Објавена во 2000 година, „Lady“ веднаш го фаќа моментот кога европскиот радио-поп е подготвен да прифати хаус звук без да го разводни. Песната се искачува на врвот на топ-листите во повеќе европски земји, станува клубски стандарден и неформална химна на периодот во кој францускиот диско-хаус дефинитивно излегува од андерграунд. Интересно е што Modjo никогаш не ја повторуваат истата формула со ист интензитет. „Lady“ останува нивна најголема трага во поп-културата, еден вид совршен момент замрзнат во времето.
Денес, „Lady (Hear Me Tonight)“ живее и како носталгичен throwback, и како техничка референца за тоа како се прави поп-песна од семпл без да се изгуби душата на оригиналот. Нејзиниот влијателен гитарски loop и пристапот „disco + house + меланхолија“ можат да се слушнат во безброј современи nu-disco и house продукции, од фестивалски сетови до TikTok звучни позадини.
За нас во Трн, во рамки на #ИграјПонеделнички #MondayDance, „Lady“ е идеалниот избор за понеделник: доволно позната за веднаш да те крене, доволно фина и топла за да ти ги намести нервите за остатокот од седмицата.. и доволно паметна за да потсети дека танцот знае да биде и нежна, и многу сериозна работа.