Планираниот луксузен ресорт поврзан со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, ја стави Албанија под нов притисок од Брисел. Европската комисија побара од Тирана без одложување да ги усогласи законите за животна средина со европските правила, доколку земјата сака да напредува кон членство во ЕУ.
Проектот е планиран на еколошки чувствителен дел од албанскиот брег, важен за миграцијата на птици, поради што протестите против изградбата добија име „Револуција на фламингото“.
Рама не се повлекува
Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за Ројтерс порача дека земјата ќе продолжи со проектот, и покрај критиките од еколошките организации и дел од јавноста.
Тој тврди дека луксузниот хотел ќе донесе инвестиции и ќе ја позиционира Албанија како дестинација за висок туризам. Но, противниците предупредуваат дека зад приказната за развој се крие ризик од уништување на заштитено подрачје.
Брисел испрати јасна порака
Од Европската комисија велат дека земја кандидат за членство мора да ги почитува европските еколошки стандарди. Тоа значи проценка на влијанието врз животната средина, јавна расправа и заштита на чувствителните природни подрачја.
Случајот со ресортот на Кушнер сега станува тест за Албанија: дали европските правила ќе важат и кога зад проектот стојат моќни инвеститори.