Фотографија: AP
Човекот кој беше нарекуван „кум“ на вештачката интелигенција даде отказ од својата работа во Гугл со предупредувања за се поголемите опасности од брзиот развој на оваа технологија. Џефри Хинтон по отказот од Гугл во изјава за Њујорк Тајмс вели дека се кае за неговата работа.
Спроед него четботовите базирани на вештачка интелигенција претставуваат опасност и се страшни. „Во моментов, тие не се поинтелигентни од нас, колку што јас можам да видам. Но мислам дека наскоро ќе бидат“ предупредува д-р Хинтон. Тој, сепак, вели дека главна причина за неговото пензионирање е неговата возраст, бидејќи има 75 години.
Пионерското истражување на д-р Хинтон за невронските мрежи и длабокото учење го отвори патот за сегашните системи за вештачка интелигенција како ChatGPT. Во вештачката интелигенција, невронските мрежи се системи кои се слични на човечкиот мозок во начинот на кој тие учат и обработуваат информации. Тие им овозможуваат на вештачката интелигенција да учат од искуство, како што тоа би го направило едно лице. Ова се нарекува длабоко учење. Британско-канадскиот когнитивен психолог и компјутерски научник изјави за Би-Би-Си дека чет-ботите наскоро би можеле да го надминат нивото на информации што ги поседува човечкиот мозок.
„Во моментов, она што го гледаме во системите како GPT-4 ги надминува луѓето во количината на општо знаење што го има и тоа значително. Во однос на расудувањето, тие не се толку добри, но веќе прават основни расудувања“, рече тој. „Гледајќи колку брзо се развиваат, очекувам да станат пососбни многу брзо. Тоа би требало да не загрижува“.

Во текстот објавен на Њујорк Тајмс, д-р Хинтон се осврна на „лошите актери“ кои би се обиделе да користат вештачка интелигенција за „лоши работи“. На прашањето на Би-Би-Си да елаборира за ова, тој одговори: „Ова е само еден вид на најлошото сценарио, еден вид на кошмарно сценарио. Можете да замислите, на пример, некој лош актер како [рускиот претседател Владимир] Путин реши да им даде на роботите способност да создаваат свои подцели“ вели Хинтон и предупредува дека на крајот може да се креира подцел за вештачката интелигенција да добие повеќе моќ.
„Дојдов до заклучок дека видот на интелигенција што го развиваме е многу различен од интелигенцијата што ја имаме. Ние сме биолошки системи, а тоа се дигитални системи. И сите овие копии можат да учат одделно, но веднаш да го споделат своето знаење. Значи, како да имате 10.000 луѓе и секогаш кога едно лице ќе научи нешто, секој автоматски да го знае тоа. И на тој начин овие чет-ботови можат да знаат многу повеќе од која било личност“ заклучува Хинтон
Мет Клифорд, претседател на британската агенција за напредно истражување и пронајдоци за Би-Би-Си изјави дека објавата на д-р Хинтон „ја нагласува стапката со која се забрзуваат способностите на вештачката интелигенција“.
„Има огромна предност од оваа технологија, но од суштинско значење е светот да инвестира многу и итно во безбедноста и контролата на вештачката интелигенција“, рече тој.

Во март, отворено писмо – потпишано од десетици луѓе од областа на вештачката интелигенција, вклучително и технолошкиот милијардер Илон Маск – повика на пауза на сите истражувања понапредни од сегашната верзија на чет-ботовите со вештачка интелигенција за да може да се дизајнираат и имплементираат силни безбедносни мерки.
Јошуа Бенџо, друг таканаречен кум на вештачката интелигенција, кој заедно со д-р Хинтон и Јан ЛеКун ја освоија наградата Туринг за 2018 година за нивната работа на длабоко учење, исто така го потпиша писмото. Тој напиша дека токму поради „неочекуваното забрзување“ во системите со вештачка интелигенција „треба да направиме чекор назад“. Но, д-р Хинтон изјави за Би-Би-Си дека „на пократок рок“ тој смета дека вештачката интелигенција ќе донесе многу повеќе придобивки отколку ризици, „така што мислам дека не треба да престанеме да ги развиваме овие работи“, додаде тој.
Хинтон, исто така, рече дека меѓународниот натпревар значи дека паузата ќе биде тешка. „Дури и сите во САД да престанат да го развиваат, Кина само ќе добие голема предност“, рече тој. Тој, исто така, рече дека тој е експерт за наука, а не за политика и дека е одговорност на владата е да осигура дека вештачката интелигенција е развиена „со многу размислување за тоа како да го спречи тоа да биде непријателско“.
Важно е да се запамети дека четботовите со вештачка интелигенција се само еден аспект на вештачката интелигенција, иако тие се најпопуларни во моментов. Вештачката интелигенција стои зад алгоритмите кои диктираат на платформи за видео стриминг што да гледате следно. Може да се користи при регрутирање за филтрирање на апликации за работа, кај осигурителни компании за пресметување на премиите, може да дијагностицира медицински состојби (иако лекарите сè уште го имаат последниот збор).
Она што сега го гледаме е подемот на AGI – вештачката општа интелигенција – која може да се обучи да прави голем број работи во рамките на задачата. Така, на пример, ChatGPT може да понуди само текстуални одговори на барање, но можностите во тоа, како што гледаме, се бескрајни. Но, темпото на забрзување на вештачката интелигенција ги изненади дури и неговите креатори. Драматично еволуираше откако д-р Хинтон изгради пионерска невронска мрежа за анализа на слики во 2012 година. Дури и шефот на Гугл, Сундар Пичаи, во едно неодамнешно интервју рече дека дури и тој не разбира целосно сè што прави неговиот чет-бот со вештачка интелигенција, Бард.