Традиционалната култура, локалните приказни, старите верувања и автентичните рецепти од Преспанскиот регион се во фокусот на етнолошкото теренско истражување реализирано во рамки на проектот ACT4PRESPA. Активноста беше спроведена од НУ Завод и музеј – Битола во соработка со студенти и професори од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, со активно учество на локалното население.

Истражувањето опфати повеќе населени места во македонскиот, албанскиот и грчкиот дел на Преспа, овозможувајќи им на студентите директен контакт со жителите и нивното културно наследство. Преку разговори и интервјуа биле собрани сведоштва за традиционалната исхрана, обичаите, народните верувања, личните животни приказни и обредните практики што со генерации се пренесуваат во регионот.
Шефицата на Институтот за етнологија и антропологија, проф. д-р Илина Јакимовска, посочува дека теренската работа претставувала драгоцено искуство за студентите, кои имале можност да го поврзат теоретското знаење со практично истражување. Покрај интервјуата, тие учествувале и во подготовка на традиционални јадења како баклава и ѓомлезе, запознавајќи се одблиску со гастрономското наследство на Преспа.
Проф. д-р Мирјана Мирчевска нагласува дека истражувањето опфатило широк спектар теми, меѓу кои народни верувања, свети места, самовили, вампири и други елементи од локалниот фолклор. Според неа, добрата подготовка на студентите и соработката со локалното население придонеле за собирање квалитетен и вреден материјал кој ќе биде основа за идни научни анализи.

Собраните податоци ќе се користат за изработка на елаборати, научни трудови и активности насочени кон заштита и промоција на нематеријалното културно наследство. Целта е да се зачуваат традициите, знаењата и сеќавањата на Преспа и тие да бидат достапни за идните генерации.
Проектот ACT4PRESPA се реализира во рамки на Програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро и се спроведува во партнерство меѓу НУ Завод и музеј – Битола, Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, Универзитетот Аристотел од Солун, Националниот музеј на средновековна уметност од Корча и организацијата ИДЕЈА ЗА КУЛТУРА од Грција.