Кубанска фиеста во Скопје: Alain Pérez и Националниот џез оркестар ја кренаа публиката на нозе

Alain Pérez и Националниот џез оркестар приредија незаборавна кубанска фиеста во Скопје – двочасовен концерт исполнет со салса, џез и врвна енергија.

Скопје синоќа беше во ритамот на Куба, откако концертот на Alain Pérez и неговиот бенд, заедно со Националниот џез оркестар, се претвори во вистинска двочасовна музичка журка во распродадената сала на Национална опера и балет.

Уште од првите тактови беше јасно дека комбинацијата на кубанска енергија и македонски џез ќе донесе нешто посебно. Салсата, тимбата, румбата и џезот се слеаја во динамичен настап кој ја раздвижи публиката, која не престана да игра и да аплаудира. Харизматичниот Перез, иако не зборува течно англиски, лесно воспостави контакт со публиката преку музиката и енергијата на сцената. Синергијата со домашните музичари беше очигледна и ја воодушеви и самата ѕвезда, која ја награди публиката со максимална енергија.

Покрај вокалот, Перез ја покажа и својата виртуозност како мултиинструменталист, вирејќи на клавијатури, гитара и особено на бас гитара, по која е препознатлив. Осумчлениот бенд, со двајца вокалисти и богата ритмичка секција, создаде моќна звучна слика која ја исполни салата. Концертот беше дел од европската турнеја „La Fiesta Tour“, а најавената „кубанска џез експлозија“ целосно се реализира – можеби и повеќе од тоа, претворајќи се во вистинска музичка магија.

Alain Pérez важи за еден од водечките претставници на современата афро-кубанска сцена. Во текот на кариерата соработувал со имиња како Chick Corea, Wynton Marsalis и Paco de Lucía, а неговиот уникатен стил ги спојува салсата, џезот и фламенкото. Со години гради светска кариера, а во 2022 година ја освои и престижната Latin Grammy Awards за најдобар традиционален тропски албум.

Синоќешниот концерт во Скопје само потврди – кога станува збор за музика, нема граници, а енергијата на Куба може да се почувствува и на Балканот.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни