КСП Центар – Јадро во текот на јуни подготви разновидна културна програма што вклучува концерти, книжевни настани, изложби, предавања, танцови работилници и читачки средби, а кулминација на месецот ќе биде летното издание на „Маалски фестивал 5.0“, кое ќе се одржи од 11 до 13 јуни.
Месецот започна со концерт на Џез хорот „Артизан“, кој настапи на 1 јуни со програма составена од џез стандарди во хорски аранжмани.

На 4 јуни ќе биде промовирана книгата „Женска работа: Современиот вез во земјите од поранешна Југославија“, уредена од Амалија Стојсављевиќ. Настанот ќе биде проследен со изложба на текстилни и везени дела од уметниците Христина Иваноска, Зорица Зафировска и Дарко Алексовски. Изложбата ќе може да се посети до 9 јуни.
Следниот ден, на 5 јуни, во Јадро ќе гостува уругвајско-американската кореографка и двократна добитничка на Bessie Awards, Лусијана Ачугар, со предавањето „Utopia as Practice; Practice as Ritual; and Dance as a Practice of Being in Pleasure“, посветено на нејзината авторска методологија „The Pleasure Practice“.
На 6 јуни Ачугар ќе одржи и отворена танцова работилница за професионалци и непрофесионалци, во рамки на програмата „Култренинг“, фокусирана на соматски практики, интуитивно движење и колективно телесно истражување.
Љубителите на литературата ќе имаат можност на 8 јуни да учествуваат на читачка средба посветена на книгата „Човековата потрага по смисла“ од австрискиот психијатар и филозоф Виктор Франкл. Настанот ќе биде отворен за дискусија за смислата, отпорот и човечката издржливост, а се реализира во партнерство со Фондација Фридрих Еберт Скопје.
Од Јадро најавуваат дека дополнителни содржини ќе бидат дел и од „Маалски фестивал 5.0“, кој од 11 до 13 јуни повторно ќе го оживее маалскиот дух преку културни и заеднички активности. „Овој јуни во КСП Центар – Јадро има настан за секого. Ќе читаме, ќе танцуваме, ќе изложуваме, ќе дискутираме и ќе пееме“, порачуваат организаторите.