Крвави избори во Кашмир: Над 30 загинати во судири за време на гласањето

Организациите за човекови права бараат независна истрага по извештаите за употреба на смртоносна сила врз демонстранти за време на регионалните избори во пакистанскиот дел на Кашмир.

Повеќе од 30 лица загинале во судирите меѓу полицијата и демонстрантите за време на регионалните избори во Кашмир под пакистанска управа, тврди Заедничкиот народен акционен комитет (JAAC), организација која ги бојкотираше изборите и организираше протести.

Според претставникот на JAAC, Сардар Умар Назир, најмалку 20 поддржувачи на движењето биле убиени во понеделникот, кога се одржал првиот круг од гласањето, а уште десетина лица загинале следниот ден во Равалакот, Мирпур и други градови. Тој тврди дека протестите биле мирни, но безбедносните сили одговориле со огнено оружје.

Пакистанските власти, пак, соопштија дека во насилствата загинал еден припадник на безбедносните сили, а пет лица биле повредени.

„Амнести интернешнл“ ги оцени извештаите за употреба на смртоносна сила како загрижувачки и побара независна истрага. Организацијата истовремено повика да се обноват интернет и комуникациските услуги во регионот и да им се овозможи пристап на медиумите и независните набљудувачи.

Првиот круг од изборите се одржа во окрузите Мирпур, Котли и Бимбер, а следните кругови на гласање се закажани за 2 и 10 август. Владејачката партија ПМЛ-Н освои девет од 13-те пратенички места за кои се гласаше во првиот круг.

JAAC беше забранета во јуни според антитерористичкото законодавство, по што избувнаа масовни протести. Организацијата бара укинување на 12-те резервирани пратенички места за кашмирските бегалци, тврдејќи дека тие му овозможуваат политичко влијание на Исламабад врз регионалниот парламент. Во меѓувреме, и дел од политичките партии кои учествуваа на изборите ги оспорија резултатите, обвинувајќи за изборни нерегуларности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс