Постои едноставна математика зад крводарувањето, а тоа е дека едно дарување крв моќе да значи до три спасени животи. Крвта не може да се произведе вештачки, не може да се чува неограничено и не може да се замени со ништо друго.
Секој ден, некаде во светот, некој умира затоа што едноставно немало крв. И покрај ова, глобалниот систем на крводарување функционира речиси исклучиво на волонтери.
Карл Ландштајнер и откривањето кое сè смени
Пред 1901 година, трансфузијата на крв значела смртна казна за пациентот. Лекарите не разбирале зошто некогаш успевала, а некогаш моментално убивала, и едноставно ги препишувале тие смртни случаи на неизбежност. Одговорот го дал австрискиот лекар и биохемичар Карл Ландштајнер, роден на 14 јуни 1868 во Виена.
Во 1900 и 1901 година, Ландштајнер спровел систематски испитувања на серуми и успеал да ги идентификува крвните групи А, Б и 0, откривајќи дека трансфузијата помеѓу неспоиви крвни групи предизвикува хемолиза, односно уривање на еритроцитите. Подоцна тој и неговите соработници го открија и резус-факторот (Rh), со кој системот на класификација станал комплетен. За ова откритие, Ландштајнер во 1930 година ја добил Нобеловата награда за медицина, а денес се смета за таткото на трансфузиологијата.
На 14 јуни 2004 година, Светската здравствена организација го одбрала токму овој датум за Светски ден на крводарителите, во чест на научникот без кого ниту една болница на светот не би можела безбедно да спаси живот преку трансфузија.
Светот денес: 120 милиони дарувања и сепак не е доволно
Според последните податоци на СЗО базирани на 132 земји, во 2023 година биле собрани околу 120 милиони единици крв во светот, со пораст од скоро 19% во споредба со 2013 година. Над 85% од тие дарувања дошле од доброволни, неплатени дарители, што е значителен напредок.
42% од сeта крв во светот се собира во земји со висок приход, кои имаат само 16% од светското население. Во земји со ниски приходи, стапката на дарување изнесува само 4 до 5 дарувања на 1.000 жители наспроти 31 до 33 дарувања на 1.000 жители во богатите земји. СЗО препорачува минимум од 10 до 20 дарувања на 1.000 жители за да се задоволат основните здравствени потреби и поголемиот дел од светот сè уште не го достигнал ни тоа.
Последиците се конкретни: жени кои умираат при породување поради хеморагија, деца со тешка анемија, жртви на сообраќајни несреќи кои не доживуваат до операцијата, онколошки пациенти кои не го добиваат потребното лекување.
„Никој не треба да умре поради тоа што безбедна крв не е достапна кога е потребна”, изјавил генералниот директор на СЗО д-р Тедрос Адханом Гебрејесус.
Македонија: помеѓу доволно и недоволно
Во Македонија, крводарителскиот систем функционира преку соработка на Институтот за трансфузиона медицина, Македонскиот Црвен крст и Министерството за здравство, со мрежа од 21 центар низ целата земја. Почетоците на трансфузиологијата во земјава датираат уште од 1935 година, кога д-р Панче Караѓозов вовел директни трансфузии со употреба на Цанков шприц, а организираната служба формално е конституирана во 1947 година.
Денес потребите за крв во Македонија се движат меѓу 55.000 и 58.000 единици годишно, за потребите на 10 до 16% од хоспитализираните болни и 50 до 60% од хируршките пациенти. За 2023 година, државниот буџет за програмата за крводарување изнесувал 30 милиони денари.
Крвта се дарува доброволно и е бесплатна, не може да се купи, ниту да се продаде. Можат да даруваат лица на возраст од 18 до 65 години, со телесна тежина над 50 килограми и во добра здравствена состојба. Мажите можат да даруваат на секои три до четири месеци, а жените на секои четири до пет месеци.
Според податоците собрани во Кочанскиот регион во период 2022–2024, дури 88,66% од крводарителите се мажи, а само 11,34% жени. Овој тренд е карактеристичен и за поширокиот регион.
Зошто луѓето не даруваат крв?
Логиката е едноставна: секој трет човек во животот ќе му затреба крв, за операција, несреќа, болест, породување. Не постои синтетичка замена, не постои фабрика за крв. Единственото решение е луѓето да ја даруваат. И сепак, во Македонија како и во поголемиот дел од светот базенот на редовни дарители е мал и стар.
Добрата вест е дека Институтот за трансфузиона медицина редовно известува дека залихите се на задоволително ниво. Лошата вест: „задоволително” е кревко, сезонски осцилира и зависи директно од тоа дали луѓето ќе одговорат на акциите организирани во училишта, факултети, компании и општини низ земјата.
Темата на Светскиот ден на крводарители за 2026 година е „Една капка хуманост. Дарувај крв. Спасувај животи.” слоган кој, со сета своја едноставност, го кажува она кое математиката веќе го докажала.