Шефот на Светската здравствена организација предупреди дека и по успешната евакуација на патниците од крузерот „МВ Хондиус“, здравствените власти мора да останат внимателни поради долгиот период на инкубација на вирусот.
Крузерот „МВ Хондиус“, на кој беа потврдени случаи на хантавирус, е евакуиран, но Светската здравствена организација предупредува дека здравствената операција не е завршена. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека поради долгиот период на инкубација можно е во наредните недели да се појават нови случаи, иако ризикот за пошироката јавност останува низок.
„Нашата работа не е завршена“, предупреди Гебрејесус на заедничка прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез во Мадрид, откако беше завршена евакуацијата на повеќе од сто патници и членови на екипажот од крузерот. Бродот, кој беше закотвен кај Канарските Острови, потоа отплови кон Холандија, додека дел од екипажот остана на него.
СЗО препорачува евакуираните патници и блиските контакти да бидат под активен здравствен надзор или во изолација 42 дена од последното можно изложување, односно од 10 мај до 21 јуни. Организацијата нагласува дека дава препораки до земјите, но не може да ги принуди да ги применуваат нејзините протоколи.
Евакуираните патници се државјани на повеќе земји, а дел од нив веќе се вратени дома под посебни здравствени протоколи. Според СЗО, нема индиции за поголемо ширење на вирусот, но ситуацијата внимателно се следи бидејќи хантавирусот може да има подолг период на инкубација.
Гебрејесус оцени дека ризикот за населението на Тенерифе и за глобалната јавност е низок, но додаде дека случајот се сфаќа сериозно. Хантавирусот Анди, кој е поврзан со оваа епидемија, е редок тип хантавирус што може да се пренесува меѓу луѓе при близок и продолжен контакт, што ја објаснува потребата од засилен надзор.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја поздрави успешната евакуација и порача дека во вакви ситуации е потребна поголема солидарност, а не страв. Евакуацијата беше координирана меѓу Шпанија, СЗО, Европската Унија и здравствените власти на земјите од кои доаѓаат патниците.