Крушево беше најмногу погодено со дожд во изминатите 24 часа, каде изврнаа 34 литри на метар квадратен, а викендот повторно носи нестабилно време низ Македонија. Според УХМР, под влијание на нова циклонска активност ќе продолжат локалните врнежи, а на места се очекуваат и пообилни дождови, грмежи и засилен ветер.
Значителни врнежи се регистрирани и во Претор, каде што наврнале 30 литри на метар квадратен, во Маврови Анови 28, а во Лазарополе 23 литри. Во Прилеп и Пожаране биле измерени по 18 литри, во Берово 16, а во Тополчани 14 литри на метар квадратен.
Дожд имало и во Радовиш, каде што се измерени 12 литри, во Струмица и на Попова Шапка по 11 литри, во Виница 10, а во Тетово и Битола по девет литри на метар квадратен.
Според прогнозата, нестабилното време нема да заврши денес. За време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи, локално проследени со невреме, засилен ветер и грмежи. Од недела се најавува и значителен пад на температурите, а на повисоките планини дождот може да премине во слаб снег.