Повредените пациенти од Македонија кои беа пренесени за понатамошно лекување во Клиничко-болнички центар Србија, прв ги посети претседателот Александар Вучиќ. Со бројни новинарски екипи влезе во собите каде што пристап е дозволен само за медицинскиот персонал. И тоа е само дел од кршењето на здравствено-безбедносните мерки, пишуваат српските медиуми.
„Ќе биде добро, ми кажаа лекарите дека не треба да се грижите“, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера за време на посетата на тешко повредените на интензивната нега.
Но, многумина беа загрижени за она што го видоа, пишуваат медиумите, а тоа е посетата на претседателот во собите каде што нешто такво е забрането и тоа без хируршки ракавици, со неправилно облечен заштитен мантил и многу новинари, сниматели и фотографи.
„Тука се работи за убедлив пример на немедицинско и нестручно однесување кога станува збор за превенција или спречување на болнички или интрахоспитални инфекции. Министерот за здравство треба да знае дека тоа е неприфатливо, недозволено, а директорот на таа установа исто така треба да знае дека тоа е неприфатливо и нешто што носи висок ризик“, вели инфектологот Драган Делиш, на медиумите во Србија.
„Некој морал да го предупреди да не дојде во таква ситуација, некој тоа морал да го спречи, а тоа се здравствените работници кои биле околу него. Дали се пациентите кои лежат загрозени поради посетата на претседателот? „Кога би рекол НЕ, веројатно би ве лажел, постои ризик, секој од нас носи околу 100 трилиони микроорганизми во себе“, вели инфектологот.