Владата ја продолжи кризната состојба за нафта до 20 октомври

Владата на денешната седница донесе одлука кризната состојба поради ризик од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати повторно да биде продолжена, овој пат до 20 октомври.

Станува збор за уште едно во низата продолжувања на мерката, воведена првично поради нестабилноста на глобалните пазари на енергенси, предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток.

Од Владата објаснуваат дека со одлуката се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки, доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари. Целта е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања, и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.

Во претходни образложенија за истата мерка, надлежните институции посочуваа дека влошувањето на состојбата е директно поврзано со конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта преку Ормускиот теснец, еден од клучните светски енергетски коридори. Со оглед на тековната ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран во регионот, ризикот останува актуелен и понатаму.

Владата истакна дека и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар, и доколку околностите го наложат тоа, ќе продолжи да носи навремени мерки во интерес на сигурно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати. Досегашните мерки за ублажување на последиците од кризната состојба вклучуваа намалување на данокот на додадена вредност за енергентите, како и намалување на акцизите за дизел и безоловен бензин.

Одлуката сега треба да биде усогласена во рамки на владините процедури, по што ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс