По трагичниот случај со Кристил Круг, жена од Колорадо која била убиена од сопствениот сопруг откако со месеци добивала заканувачки пораки, во САД почна да се менува начинот на кој технолошките компании соработуваат со полицијата во случаи на демнење и семејно насилство.
Кристил Круг, мајка на три деца, во есента 2023 година почнала да добива вознемирувачки пораки и електронска пошта од лице кое се претставувало како нејзин поранешен партнер. Пораките станувале сè позаканувачки, па таа побарала помош од локалната полиција.
Детективите испратиле налози до „Гугл“ и до мобилните оператори, со надеж дека ќе го откријат идентитетот на лицето што ја вознемирува. Но, според семејството, поминувале недели без одговор од компаниите, а Кристил живеела во постојан страв.
Во декември таа беше убиена, а полицијата дури потоа, по итна постапка, успеала да го открие идентитетот на лицето зад заканите. Се покажало дека не станувало збор за поранешен партнер, туку за нејзиниот сопруг, Даниел Круг.
Тој во април беше осуден на доживотен затвор, откако беше прогласен за виновен за демнење, убиство и лажно претставување.
Роднините на Кристил велат дека трагедијата можела да биде спречена доколку технолошките компании побрзо одговореле на полициските барања.
„Убедена сум дека денес ќе беше жива“, изјави нејзината роднина Ребека Иваноф, поранешна обвинителка за семејно насилство.
По случајот, семејството почна иницијатива за промена на законот. Така беше донесен таканаречениот „Кристилин закон“ во Орегон, прв од ваков тип во САД.
Законот предвидува компаниите за социјални мрежи да мора да одговорат на полициски налози во рок од 72 часа во случаи на демнење и семејно насилство, додека комуникациските компании треба да постапат во рок од пет дена.
Пред тоа не постоеле јасни рокови за одговор, ниту последици доколку компаниите не реагираат навреме.
Семејството се надева дека законот ќе биде усвоен и во Колорадо, матичната држава на Кристил, како и во други американски сојузни држави, па дури и на федерално ниво.
„Ова ми помага нејзината смрт да не ја гледам само како уште една бесмислена статистика“, изјави мајката на Кристил, Линда Гримсруд.
Експертите предупредуваат дека демнењето и семејното насилство сè почесто се поврзани со технологија, а полицијата често тешко се справува со случаи во кои дигиталните траги се клучни.
„Гугл“ и други компании и претходно наведувале дека секојдневно добиваат голем број полициски барања и дека имаат тимови што работат на итни случаи. Но, семејството на Кристил смета дека кога постои ризик за нечија безбедност, одговорот мора да биде побрз.
Законот сега се гледа како важен чекор кон поголема одговорност на технолошките компании во случаи каде што навремениот пристап до информации може да спаси живот.