Криптопазарот падна, Сенатот го блокираше „Clarity Act“: Дали почнува нова криптозима?

Американскиот Сенат не ја отвори расправата за законот што криптоиндустријата со години го бараше, додека биткоинот падна на околу 76.000 долари. Но, причината за падот можеби не е Вашингтон, туку очекувањата околу каматните стапки.

Американската криптоиндустрија со години го туркаше „Clarity Act“ како еден од клучните закони за создавање јасни правила за дигиталните средства. Но, кога Сенатот не успеа да обезбеди доволно гласови за отворање расправа, пазарот падна – а дел од индустријата наместо да алармира порача дека законот можеби и не е толку неопходен како што претходно тврдеше.

Биткоинот се спушти на околу 76.000 долари, околу четири отсто под дневниот максимум, додека етерот, соланата и XRP исто така забележаа пад.

Сенатот не обезбеди доволно гласови

Американскиот Сенат во вторникот не успеа да ја отвори расправата за „Clarity Act“. За тоа беа потребни 60 гласа, но предлогот доби 49 гласа „за“ и 50 „против“. Против гласаа демократските сенатори, како и неколку републиканци, меѓу кои Сузан Колинс, Џош Хејли и Џери Моран.

Предлог-законот претходно помина во Претставничкиот дом, но во Сенатот со месеци не успеваше да добие доволна поддршка. Времето дополнително го усложнува процесот. Со изборите за Конгресот во ноември, просторот за повторно активирање на законодавната постапка е ограничен.

Зошто се појави отпор?

„Clarity Act“ требаше да воспостави појасни правила за тоа како се класифицираат и регулираат различните криптоактиви и која институција има надлежност над нив. Но, политичкиот спор се прошири и на прашањето за потенцијалниот конфликт на интереси околу крипто-бизнисите поврзани со Доналд Трамп.

Демократите бараа построги одредби со кои јавните функционери би биле ограничени во можноста да остваруваат профит од криптовалути додека носат политики и закони што се однесуваат на индустријата.

Републиканците предложија дополнувања, но тие не беа доволни за да се постигне договор. Дополнителен отпор дојде и од банкарскиот сектор, особено околу одредби што би можеле да им овозможат на криптоберзите да нудат каматни приноси. Банкарскиот сектор стравува дека таквата конкуренција би можела да привлече дел од депозитите што денес се наоѓаат во традиционалните банки.

Индустријата сега вели дека законот не е пресуден

Најинтересниот пресврт се случи откако законот беше блокиран. Дел од криптоиндустријата, која со години лобираше за усвојување на „Clarity Act“, сега тврди дека неговото непоминување не мора да биде голем проблем.

Мајкл Сејлор порача дека најважната „јасност“ за криптопазарот е самиот биткоин, додека извршниот директор на „Коинбејс“, Брајан Армстронг, уште пред гласањето оцени дека регулаторната јасност може да дојде и преку правилата што ќе ги донесат регулаторите. Зад ваквиот став стои аргументот дека дел од промените што индустријата ги бараше веќе се случиле.

Администрацијата на Трамп укина дел од регулаторните пристапи од времето на Џо Бајден, а во 2025 година беше усвоен и „GENIUS Act“, кој воспостави федерална рамка за стабилните криптовалути. „Clarity Act“ би можел дополнително да ја зацврсти регулаторната рамка и да обезбеди поголема сигурност за идните администрации, но неговото непоминување не значи дека криптосекторот останува без правила.

Биткоинот падна, но причината не мора да биде законот

Иако падот на криптовалутите временски се совпадна со гласањето во Сенатот, движењето на пазарот се случува во поширок економски контекст. Во фокусот е Федералниот резервен систем на САД и очекувањата околу каматните стапки.

Криптовалутите во последните години сè повеќе се однесуваат како ризични финансиски средства, па на нивната цена влијаат каматните стапки, вредноста на доларот, инфлациските очекувања и расположението на инвеститорите.

Тоа значи дека политичката неизвесност околу „Clarity Act“ е само еден од факторите што можат да влијаат врз пазарот.

Дали навистина доаѓа нова „криптозима“?

Биткоинот својот рекорд од околу 126.000 долари го достигна во октомври 2025 година. Оттогаш неговата вредност значително се намали.

Но, сегашната состојба сè уште не личи на најтешките падови од претходните криптокризи. Во претходните големи мечки пазари, биткоинот во одредени периоди губеше повеќе од три четвртини од вредноста од својот максимум.

Овојпат, пак, нема колапс од типот на оној што го предизвика пропаѓањето на „Еф-Ти-Екс“ во 2022 година, ниту поширока системска криза од таков обем. Затоа и проценките за идното движење на биткоинот остануваат исклучително различни. Дел од аналитичарите очекуваат дополнителен пад, додека други и понатаму предвидуваат нов раст.

Засега, сепак, пазарот останува во состојба на неизвесност – под влијание на американската монетарна политика, економските показатели и регулаторните одлуки. Прашањето не е само дали „Clarity Act“ ќе оживее во некоја следна законодавна постапка, туку и дали криптопазарот може да го задржи растот без нови регулаторни правила и без дополнителен импулс од монетарната политика.


е-Трн да боцка во твојот инбокс