Уметниците Пана Адоржани и Карол Фило утревечер на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе изведат два перформанси посветени на деведесеттите години во Источна Европа, во рамки на 11-тото издание на КРИК – фестивал за критичка култура. Настанот почнува во 19 часот, во организација на „Контрапункт“, а фокусот е ставен врз соочувањето со последиците од постсоцијалистичката транзиција преку лични сеќавања и политички отпор.
Романската уметница Пана Адоржани, во копродукција со германскиот центар HELLERAU, се претставува со 30-минутниот перформанс на англиски јазик насловен „Хаос, капитализам и добротворност“. Родена на крајот на 1990 година, Адоржани го гради наративот врз сопственото растење во деценијата обележана со падот на комунизмот во Романија.
Додека таа како деветмесечно бебе минува граници без визи, учи да чита и пишува поезија, државата се соочува со етнички конфликти, насилни судири и колапс предизвикан од пирамидални финансиски измами, додека поранешната комунистичка елита ја враќа политичката моќ. Перформансот ја набљудува оваа општествена промена директно преку улогата на парите, анализирајќи ја класната нееднаквост и филантропијата. Адоржани живее во Берлин, работи на спојот меѓу театарот и музиката и подготвува докторат за колективното творештво во романскиот театар од 1945 до 1989 година.
Вториот дел од вечерта му припаѓа на словачкиот уметник Карол Фило со делото „Ненасилни тела“, работено според коавторски текст со Радек Волман и продукциски поддржано од Unkulunkulu и KLAS CREW. Фило го прикажува бранот на насилство на екстремната десница во Словачка во текот на деведесеттите години, време кога во општеството доминира илузијата за пазарна слобода.
Наспроти таа претстава, антифашистичките активисти се организираат и влегуваат во физички судири со неонацистичките скинхед групи за да ги одбранат загрозените и маргинализирани заедници. Авторот, кој завршил алтернативен театар на ДАМУ во Прага, на сцената ги конфронтира европскиот концепт за ненасилство и потребата од директна самоодбрана. По завршувањето на двете сценски изведби, програмата продолжува со отворен разговор што ќе го води истражувачката и активистка Мања Величковска.