Кратовец со нож ранил полицаец

Осомничениот нападнал двајца службеници додека влегувале во заклучена соба, а обвинителството бара мерка притвор поради ризик од бегство.

Основното јавно обвинителство Куманово покрена истрага против четириесетгодишен маж од Кратово, осомничен за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Според обвинителството, инцидентот се случил на 11 септември кога полициски службеници интервенирале за спречување кривично дело, при што осомничениот со сечило тешко повредил еден од полицајците.

Инцидентот започнал кога полициска патрола постапувала за спречување на кривично дело во објектот каде што се наоѓал осомничениот. Откако тој одбил да соработува и се барикадирал, двајца полициски службеници биле принудени со употреба на физичка сила да ја отворат заклучената врата од собата.

При директниот судир, осомничениот извадил нож и на еден од полицајците му нанел убодна рана и посекотина, што според медицинските наоди претставува тешка телесна повреда. Службеникот веднаш бил згрижен, додека напаѓачот бил совладан и лишен од слобода.

По спроведените првични дејствија, надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат законски основи за одредување најстрога мерка за обезбедување присуство.

До судијата на претходна постапка е доставен официјален предлог за определување мерка притвор. Како главни причини за ваквото барање, обвинителството ги наведува реалната опасност од бегство на осомничениот, како и веројатноста тој да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс