Кралот Чарлс пресече: Хари и Меган немаат кралски должности

Британскиот двор испрати официјален налог до институциите со кој потврди дека сите идни појавувања на двојката во земјата се приватни.

Принцот Хари и Меган Маркл нема да извршуваат никакви официјални кралски должности ниту ќе бидат дел од јавните државни протоколи по враќањето во Велика Британија. Оваа одлука е прецизирана во писмо испратено во името на кралот Чарлс, со кое јасно се дефинира нивниот статус откако минатиот месец со децата пристигнаа од Калифорнија, потврди Би-би-си.

Официјалниот документ, кој во име на суверенот го испрати шефот на кралскиот двор, Лорд Чембрлен, ги дефинира војводата и војвотката од Сасекс исклучиво како приватни граѓани со комерцијални и хуманитарни интереси.

Со оваа одлука уште еднаш се става јасна забрана за користење на титулите „Негово и Нејзино Кралско Височество“ во каква било јавна комуникација или протокол.

Напомената не остана само во ѕидовите на палатата. Дворската администрација го испрати дописот директно до британската влада, воените структури и кралските намесници низ земјата. Бидејќи овие тела редовно раководат со државните протоколи и официјалните настани, упатството експлицитно укажува дека парот во ниту еден момент не ја претставува британската круна. За јавноста и протоколите, тие настапуваат исклучиво во свое лично име.

Овој потег јасно потврдува дека компромисот постигнат во Сандрингем во 2020 година останува непроменет. Бакингемската палата тогаш категорично го отфрли барањето на Сасексови за таканаречен хибриден статус, кој ќе им овозможеше истовремено да развиваат приватни бизниси и да претставуваат дел од институцијата.

„Општо е познато дека во јануари 2020 година војводата и војвотката се повлекоа од претставничките должности во име на монархот и повеќе не се активни членови на кралското семејство“, се наведува во испратеното писмо.

Хуманитарниот ангажман исто така доби јасна граница. Судот потенцира дека нивните добротворни проекти се лична одлука и активност што ја водат како поединци, без институционална заднина или државно покровителство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс