Технобурлеската „Крадци на слики“ на Викендот на гордоста во Скопје

Изведбата ги спојува бурлеската, кабарето, поп-културата и квир отпорот, отворајќи теми за телото, родот, националниот идентитет, мачизмот и политичкиот популизам.

На 13 јуни, во рамки на Викендот на гордоста – Скопје 2026, во Младинскиот културен центар ќе биде изведена технобурлеската „Крадци на слики“ на словенечкиот колектив The Feminalz.

Изведбата ќе започне во 21:00 часот во МКЦ, а е дел од фестивалската програма „Анархични тела“. Настанот се реализира со локална поддршка од Бучкуруж и е копрограмиран заедно со ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Колективот The Feminalz ја развива технобурлеската „Крадци на слики“ од 2013 година, како редок и препознатлив пример на словенечката современа перформативна сцена. Нивната работа ги спојува бурлеската, кабарето, поп-културните референци, хуморот и намерната сценска непријатност.

Преку серија изведувачки вињети, „Крадци на слики“ ги преиспитува доминантните слики за телото, родот, нацијата и припадноста. Делото критички се занимава со националниот идентитет, мачизмот, политичкиот популизам, родовите стереотипи и медиумската мелодрама.

Наместо „висока уметност“, The Feminalz избираат спектакл, бизарност, хумор и радикална сценска слобода. Нивниот перформанс ги изобличува нормите за тоа што се смета за „женско“, „машко“, „наше“ и „нивно“, отворајќи простор за поинакви тела, идентитети и начини на постоење.

Автори и изведувачи се членовите на The Feminalz: Crucial Pink, Mad Jakale, Tristan Bargeld, H. P. D. (hormonal perturbator in decay), Dee Dee Void, GlitterAid, Gospod Magdalenca и Broj Ena.

Костимографијата ја потпишуваат Уршка Рецер, Тања Паѓан/Kiss the Future и Андреја Ковач, шминката и фризурата се на Тина Прпар, музичкиот избор и оригиналните композиции се на Лука Принчич и The Feminalz, а дизајнот на светло е на Јанко Овен.

Локалната поддршка ја обезбедува Бучкуруж, простор за културно-уметнички израз и истражување на родовата трансгресија, со особен фокус на лезбејската, транс и родово флуидната заедница.

Со оваа изведба, Викендот на гордоста – Скопје 2026 продолжува да ја отвора квир уметноста како простор на критика, отпор и радикална имагинација.

Фестивалот годинава се одржува под темата „Анархични тела: согласност да не се биде едно“, која го поставува квир искуството како начин за преиспитување на телесните, политичките и културните норми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс