Конгресните правници губат повеќе време поправајќи AI отколку пишувајќи закони

Пратениците во САД поднесуваат предлог-закони генерирани со чет-ботови, полни со измислени термини и правни замки
Фото: JessicaRodriguezRivas, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Американскиот Конгрес се соочува со нов административен хаос откако пратениците и нивните тимови масовно почнаа да користат алатки за вештачка интелигенција како ChatGPT и Claude за пишување нацрт-закони. Наместо забрзување на процесите, правниците во Конгресот трошат двојно повеќе време за корекција на грешки, халуцинирани правни концепти и непрецизни формулации што софтверот ги сервира како готови решенија.

Официјалните законодавни советници во Вашингтон, задолжени за преточување на политичките идеи во прецизен правен јазик, пријавуваат наплив од текстови генерирани со генеративни модели. Главниот проблем лежи во тоа што комерцијалните чет-ботови често користат непостоечки правни термини, повикувајќи се на неважечки преседани или погрешно толкувајќи дефиниции од постојните федерални акти.

Кога таков нацрт ќе стигне во стручните служби, конгресните правници мора да го деконструираат текстот реченица по реченица за да утврдат што пратеникот навистина сакал да постигне. Овој процес на „чистење“ трае значително подолго отколку пишувањето на законскиот текст од нула преку вообичаените консултации.

Паралелно со комерцијалните алатки, на Капитол Хил се појавуваат и специјализирани системи, како што е интерниот софтвер наречен „Byrd Bot“. Неговата намена е да им помогне на сенаторите да проценат дали одредени одредби го прекршуваат таканареченото „правило на Бајрд“ (Byrd Rule), кое забранува внесување вонбуџетски прашања во законите за помирување на буџетот.

Иако оваа алатка помага во филтрирање на процедуралните пречки пред официјалното гласање, советниците предупредуваат дека прекумерното потпирање на алгоритми може да создаде лажно чувство на сигурност при носењето стратешки одлуки.

Трендот не запира само во федералниот парламент. Локалните собранија во сојузните држави како Вирџинија и Вермонт веќе тестираат специјализирани софтверски платформи, меѓу кои Vulcan Technologies, FiscalNote и PolicyNote, со цел следење и автоматизација на законодавниот процес.

Истовремено, плановите на новата администрација во Белата куќа вклучуваат употреба на моделот Google Gemini за ревидирање и поедноставување на обемните регулативи во федералниот транспортен сектор. Правните експерти алармираат дека ваквото забрзано воведување автоматизација во легислативата бара строги заштитни механизми, бидејќи дури и најситна правна непрецизност во иднина може да предизвика долгогодишни судски спорови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс